Активности

Вторник, 11 февруари 2020

Наскоро гордо ќе можеме да кажеме  - Ние сме НАТО!

На денешната 133. собраниска седница, на која се донесе Предлог-законот за ратификација на Северноатланскиот договор, претседателите на државата, Собранието и Владата, како и лидерите и претставници на политичките партии, имаа можност да се обратат од говорницата во законодавниот дом, на овој, како што едногласно го нарекоа, историски ден кога нашата земја е на чекор да стане 30-та членка на НАТО.

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, истакна дека членството во НАТО е привилегија, но и одговорност за спроведување на одлуките на Алијансата, и истото немало да биде возможно без длабоки политички промени во изминатите години, особено со потпишувањето на Договорите со Грција и Бугарија. Денешната одлука за ратификација е голем чекор во заокружувањето на македонската државност и суверенитет, а кога станува збор за исти вредности, не постојат мали и големи држави – заклучи претседателот Пендаровски.

Македонскиот премиер Оливер Спасовски го оцени НАТО како безбедносен штит, како сојуз кој гарантира цврсти граници за безбедна иднина. Тој истакна дека денешниот чин е достигнување на сите генерации, а со пристапот во НАТО, нашата земја од конзумент станува гарант за извоз на безбедност.

Во името на Пратеничката група на СДСМ се обрати Јован Митревски, кој рече дека ова е момент кој ја дефинира нашата иднина, стабилност и просперитет. Со ова се дава пример како се решаваат децениски спорови и се градат добрососедски односи. Ако се има визија, иднината е загарантирана – истакна Митревски, додавајќи дека членството во НАТО носи повеќе инвестиции, зголемен број работни места, подобар животен стандард, овде, а не за живеење во странство.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, им оддаде чест на сите оние претставници на НАТО кои го положиле својот живот за слобода онаму каде што отсуствувала. Тој потенцираше дека ЕУ и НАТО се оние две прашања кои ги обединувале сите политички страни низ сите години наназад.

Координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, беше дециден дека неговата партија како иницијатор на предвремената ратификација на Протоколот за членство во НАТО, и покрај промената на името, била и останува „за“ членството во Алијансата, кое македонските граѓани го имаат заслужено. „Сонот на генерации Македонци, станува реалност со денешната ратификација“ – заврши Мицевски.

Во име на Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Нола Исмајлоска-Старова, го потенцираше силниот личен придонес на овие осум пратеници во денешната одлука како моќно историско поглавје кое ги слави успесите и обединува. „Знамето на НАТО конечно ќе се вее пред Македонското собрание“ – рече таа во завршниот збор.

Пратеникот Сурија Рашиди од Алијансата на Албанците истакна дека пристапувањето во големото северноатланстко семејство е заслуга на сите граѓани. НАТО е безбедност, мир и стабилност, но и вредност, демократија, правда и развој, ама сето ова нема да биде комплетно без членството во ЕУ - рече Рашиди.

Од името на политичката партија АЛТЕРНАТИВА, се обрати Африм Гаши, кој потсети на предизвикот да се голтне гордиот компромис за да се дојде до денешниот ден, кој пак треба да придонесе кон градење посилни врски на кохезија внатре во државата, која сите граѓани треба да ја доживуваат подеднакво, а за возврат и таа да ги третира рамноправно. „НАТО не е крајот на нашата историја, туку со него започнува нова историја за нас“ – апелираше Гаши.

Фадил Зендели од БЕСА упати благодарност до силната поддршка од нашите стратешки партнери САД, ЕУ и НАТО во соочувањето со многуте предизвици на ова патување и премостувањето на премрежјата во надворешната и внатрешната политика, сѐ со цел јасна безбедносна перспектива за една реформирана мултиетничка држава, во која борбата против криминалот и корупцијата ќе биде бескомпромисна.

Претседателот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи, главниот придонес за зачленувањето во НАТО му го препиша на поранешниот премиер Зоран Заев. Самиот пристап во Алијансата го опиша како акт кој спречува нашата држава да ја плаќа транзицијата со крв и конфликт, а во заедничкото чекорење напред, да се менува поимот за Албанците.

Како домаќин на законодавниот дом, се обрати претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој потсети на турболенциите на нашиот пат кон НАТО, уште од 1993 година кога тогашното Собрание ја донесе „Одлуката за пристап во  Северноатлантската договорна организација - НАТО", но поддршката на овој пат од граѓаните во изминатите речиси три децении наша самостојност, наскоро ќе ефектуира со полноправно членство, по завршувањето на целокупната ратификациона постапка на Пристапниот протокол во последната преостаната земја членка на НАТО, Кралството Шпанија. „Наскоро, сите овие напори ќе добијат своја достојна валоризација и гордо ќе можеме да кажеме  - Ние сме НАТО!“ – заврши Џафери.

Завршен збор пред свечената церемонија на подигнување на знамето на НАТО пред Собранието, имаше претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Атила Местерхази, кој упати пофални зборови за трпението и политичката храброст, за на крајот вложените напори да се исплатат и тоа ќе биде важна порака за Регионот. „Како полноправна членка на НАТО, вашата безбедност ќе биде и наша безбедност!“ – беше дециден Местерхази. 


 Подигнување на знамето на НАТО пред Собранието

Click