Активности

Вторник, 26 март 2019 година

Обраќање на претседателот Џафери на Конференција организирана од МОСТ, на тема „Транспарентноста на Собранието како предуслов за вклученост на граѓаните Добри практики од граѓанските организации во Велика Британија“

Ваша екселенција, амбасадорка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Рејчел Галовеј, 
Почитувани колеги,
Дами и господа,
Ценети присутни,

Дозволете на самиот почеток да го поздравам овој настан и сите тука присутни и да го изразам моето задоволство што учествувам на оваа конференција посветена на транспарентноста на Собранието како предуслов за вклученост на граѓаните. Еден од моите приоритети уште при моето прво обраќање како претседател на Собранието беше и сѐ уште стојам на истиот став, е јакнењето на транспарентноста на Собранието, сфатено во најширока смисла на зборот. Верувам сите се согласуваме дека без вистинска транспарентност, нема ниту вистински Собрание, ниту вистинска парламентарна демократија. За да се достигне високо ниво на транспарентност во работењето на Собранието потребни се повеќе предуслови. Од конкретна нормативна рамка па се до високо развиено чувство за одговорност, како и соодветна политичка култура на сите нас кои сме вклучени во остварувањето на основните функции на секој парламент а тоа се донесување на квалитетни закони, потоа надзорната функција и секако претставничката димензија. Ако ги погледнеме состојбите кај нас, мислам дека нормативниот дел во кои влегуваат Уставот, Деловникот и Законот за Собрание е добар и дава можности за квалитетна транспарентност. Но, ако сме малку самокритични, ќе признаеме дека имаме инсуфициенција кога станува збор за одговорноста, додека нивото на политичката култура е нешто на што треба да поработиме. Сепак, работите одат напред и тоа во многу позитивна насока. Во овој мандатен период, парламентарното мнозинство успеа да го врати во Собранието, јас би рекол, духот на парламентарната демократија. А верувам дека и опозицијата го прифати овој тренд и дава свој соодветен придонес.

Почитувани пријатели,

Како што ви е познато, неодамна беше избрана Државната комисија за спречување на корупцијата, за пошироката јавност попозната како Антикорупциска комисија. Изборот на новиот состав се одвиваше во Собранието, во една максимално транспарентна и одговорна постапка, при што беа вклучени експерти и стручната јавност, невладиниот сектор, пратеници и секако, јавноста. Мислам дека ова е многу добар пример кој потврдува дека, ние знаеме да работиме транспарентно и одговорно, вклучувајќи ги во тие процеси сите значајни општествени субјекти, а со тоа и граѓаните. Го спомнав овој пример бидејќи е најсвеж пример меѓутоа,тоа не значи дека е и единствен. Во прилог на тоа, би ги спомнал јавните расправи кои се одвивале за време на седниците на различни собраниски тела на најразлични теми и прашања. Со вклучување на најразлични државни и општествени субјекти во нив, пред се вклучување на невладиниот сектор и стручната јавност, а преку преносот на Собранискиот канал истите се достапни и за пошироката јавност, транспарентноста, а со тоа и духот на парламентарната демократија, полека се етаблира во функционирањето на Собранието, а се надевам и во политичката култура. Ќе бидам отворен и директен и искрено ќе кажам дека во сето ова голема помош имавме и имаме од нашите меѓународни пријатели.

Кога станува збор за Собранието и јакнењето на парламентаризмот, особено сакам да ја истакнам улогата на Вестминстер фондацијата за демократија со која соработуваме повеќе од една деценија. Токму минатата недела, во нивна организација бевме во посета на парламентот на Шкотска каде што се запознавме на непосреден начин со функционирањето на таканаречената буџетска парламентарна канцеларија. Станува збор за многу значајна организациска форма и алатка во функционирањето на парламентот која во исто време обезбедува и голема транспарентност, имајќи на ум дека станува збор за пари од граѓаните и истата оди во прилог на мојот горенаведен приоритет односно, јакнење на транспарентноста на Собранието. Сакам да ја искористам оваа прилика и уште еднаш, преку Нејзината Екселенција Амбасадорката на Обединетото Кралство, госпоѓа Рејчел Галовеј, да се заблагодарам за корисниот студиски престој и да се заблагодарам на мојот хомолог, почитуваниот Кен Мекинтош, за неодамнешната вистински срдечна, отворена, а за нас многу корисна средба и сите други разговори.

Дами и господа,

Република Северна Македонија во изминатиов период направи навистина историски чекори кои ни обезбедуваат остварување на нашите стратешки интереси, а тоа се членството во НАТО и ЕУ. Во однос на процесот на нашето полноправно членство во НАТО, верувам дека сите сте запознаени дека крајот на 2019 или почетокот на 2020 е очекуваното остварување на оваа цел.  Јас лично, верувам дека во јуни ќе добиеме и датум за започнување на преговорите се ЕУ. Во таа насока ја гледам и денешната конференција, која верувам ќе даде свој придонес во јакнењето на транспарентноста а со тоа и на парламентарната демократија. Ви посакувам успешна работа и плодни дискусии,

Ви благодарам за вниманието!

Click