Активности

Четврток, 19 декември 2019 година

Пратенички во теренска посета на КПД Идризово

Даниела Рангелова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, заедно со претседателката на Клубот на пратенички, Ѓулумсер Касапи и пратеничките Арта Точи, Јулијана Николова и Маја Морачанин, согласно донесениот заклучок на 10. седница на Комисијата, одржана на 12 септември 2019 година, денеска реализираа теренска посета на КПД Идризово.         

КПД Идризово е единствена казнено-поправна установа во земјата во која постои посебно оддeление каде што казната затвор ја издржуваат женски лица од целата територија на Република Северна Македонија кои се осудени со правосилна пресуда на казна затвор.

Во рамките на посетата, пратеничките реализираа средба со директорот, но остварија и средба и разговори со осуденички. Исто така, тие имаа можност да направат увид во просториите во кои тие се сметени и го поминуваат денот.

Директорот на КПД Идризово, Боби Мојсоски, ги информираше пратеничките дека во затворот во моментов се сместени 49 женски лица, во затворено, полуотворено и отворено одделение.

Пратеничките се интересираа за условите во кои се сместени здравствените услуги, исхраната, хигиената, мерките за пробација и, секако, за процесите на ресоцијализација и комуникацијата со семејствата.

Од страна на раководството на затворот беше посочено дека во затворот има еден доктор, две медицински сестри, психијатар кој доаѓа четирипати неделно и стоматолог кој доаѓа двапати во неделата, согласно законските измени во надлежност на  Здравствениот дом Скопје и беше потенцирано дека е потребно дополнително да се мотивираат докторите кои работат во казнено-поправните установи.

Во моментов во затворските простории има курс за пекари, а претходно имало за шивачки и кувари. И покрај овие организирани курсеви, осуденичките посочија дека им се потребни дополнителни постојани активности заради исполнување на нивното слободно време.

Осудените женски лица сместени во овој затвор, како проблем посочија дека амбулантата е во машкиот дел и побараа да се направи централен женски затвор. Тие, исто така, се пожалија на висината на изречените казни, условниот отпуст и неефективната примена на законот за пробација.

Пратеничките ги посетија и фризерницата, приемното и затвореното одделение, а на крајот ја посетија и новата зграда со полуотворено одделение во која се сместени машки осудени лица.

Click