Активности

Петок, 23 март 2018 година

Пратеникот Груби се сретна со г-ѓа Лилиана Танги, пратеничка во Националното собрание на Француската Република

Денеска претседателот на Комисијата за европски прашања г. Артан Груби заедно со членовите и замениците-членови на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, остварија средба со г-ѓа Лилиана Танги, пратеничка во Националното собрание на Француската Република, која истовремено е и потпретседателка на Комисијата за европски прашања и потпретседателка на Групата за пријателство меѓу Националното собрание на Француската Република и Собранието на Република Македонија и францускиот амбасадор Кристиан Тимоние.

На средбата се  разменија мислења на повеќе теми, а, пред сè, за развојот на  билатералните односи меѓу двете земји, реформските процеси во Република Македонија, за ЕУ и за НАТО, како и за развојот на односите на Република Македонија со земјите од соседството.

Заеднички беше констатирано дека билатералните односи се развиваат во континуитет, во духот на меѓусебната доверба и пријателство, при што беше потврдена заемната заложба за нивно натамошно унапредување.

Од страна на г. Груби беше изразено нашето очекување за француската поддршка за евроатлантските интегративни заложби на Република Македонија, при што бараме строга, но фер проценка на постигнатото, додека од страна на г-ѓа Танги беше реафирмирана поддршката за реформските процеси во Република Македонија, чија крајна цел е целосна интеграција на државата во Европската унија и НАТО алијансата.

За Република Македонија, поддршката која доаѓа од Република Франција е од исклучително значење, имајќи ја предвид клучната улога на Франција во процесот на проширување на Европската унија, особено во пресрет на априлскиот Извештај на Комисијата за напредокот на Република Македонија во европските интеграции, во кој нашата земја ќе ја добие чистата препорака за отпочнување на преговори со ЕУ.

Во тој контекст, Груби информираше дека целиот фокус на земјата е свртен кон реализација на преостанатите реформски закони, како и на решавање на спорот со нашиот јужен сосед за да ја интегрираме нашата држава целосно во НАТО и ЕУ.

Пратениците кои беа присутни на средбата и од парламентарното мнозинство и од опозцијата, се согласија дека парламентарната соработка треба да се развива и продлабочува во интерес на размена на искуства и мислења со цел унапредување на односите меѓу двете земји. Од нивна страна беше истакнато дека политичкиот дијалог треба да се развива во рамките на Собранието, во интерес на остварување на ЕУ реформските процеси кои имаат надпартиска, наднационална и надетничка поддршка во Република Македонија.

Click