Активности

Четврток, 28 март 2019 година

Работен состанок за поефикасен собраниски надзор преку зајакнување на соработката со надворешните институции кои имаат надзорна улога

Во рамките на проектот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје за поддршка на демократските реформи и институционалното зајакнување на Собранието на Република Северна Македонија, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците одржа работен состанок на тема „Поефикасен собраниски надзор преку зајакнување на соработката со надворешните институции (самостојни државни органи) кои имаат надзорна улога“.

Прeтседателот на Комисијата, Александар Кирацовски, членови на Комисијата и пратеници, универзитетските професори Ана Павловска-Данева и Гордан Георгиев, претставници на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, дискутираа за предизвиците со кои се соочува Собранието на Република Северна Македонија во формалните и неформалните механизми за интеракција со самостојните државни органи, односно најмногу дискутираа за разгледување и усвојување на годишни извештаи на органи над кои надзор врз работењето врши Собранието.  

Во оваа смисла се говореше и за вклученостa на граѓанскиот сектор и стручната јавност во разгледувањето на годишните извештаи на овие органи. Беа изнесени бројни недостатоци во рамките на Собранието и кај самите самостојни органи. 

Како резултат на ефективната дискусија, се предложија конкретни структурни предлог-решенија, како што се идни јавни консултативни средби со засегнатите страни, студиска посета за размена на искуства, како и други начини на надградување на традиционалните алатки за политичка контрола и надзорната улога на Собранието на Република Северна Македонија. Собранието и самостојните органи треба да создадат култура на заемна доверба и соработка, работејќи заедно и транспарентно.

Оваа средба го означува почетокот на серија активности поддржани од Мисијата на ОБСЕ во Скопје во насока на зајакнување на соработката со Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, а во функција на создавањето на продуктивна и комплементарна соработка помеѓу Собранието и самостојните органи.

Click