Активности

Четврток, 28 март 2019 година

Со решавање на повеќедеценискиот спор, државата заслужува да биде дел од европското семејство

Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата оствари средба со Работната група на Советот на ЕУ за Западен Балкан/Проширување – КОВЕБ/КОЕЛА.

Координаторката на Групата, Елизабета Канческа-Милевска, ја оцени средбата како добра можност да ги изнесат своите заложби за евроинтегративниот процес на земјата. Од името на осумте пратеници, таа истакна дека со Договорот од Преспа започнал процесот на уставните измени, дека поминале низ многу тежок период, но ги ставиле државните интереси над партиските и личните, и на тој начин го отвориле патот кон НАТО и ЕУ, за што има и национален консензус. Со оглед на тоа што земјата ги има исполнето сите критериуми, во јуни очекуваат датум за почеток на преговори.

Иако од многумина се нарекувани предавници, овие осум пратеници се одважиле, свесни дека ќе бидат нападнати, за решавање на едно чувствително прашање кое го засега секој Македонец, но кое, колку и да е болно, морало да се реши, за идните генерации, за една европска, модерна Република Северна Македонија. Со решавањето на повеќедеценискиот спор, покажале дека созреале како политичари и дека државата заслужува да биде дел од европското семејство.

Притоа, информираа дека сериозно придонесуваат во носењето реформски закони, со забелешки и амандмани. Изразија жалење што ВМРО-ДПМНЕ не зело учество во формираното Работно тело во Собранието за помирување меѓу политичките партии и разгледување на сите реформски закони. Истовремено, дадоа забелешка на носењето закони по скратена постапка и злоупотребата на европското знаменце.

Од своја страна, Работната група покажа интерес за евентуалното помирување на овие осум пратеници со ВМРО-ДПМНЕ, за нивните моментални односи, за тоа кој претседателски кандидат ќе го поддржат на претстојните избори, како и мислење за носењето на Законот за јавното обвинителство.

Во овој контекст, од Независната пратеничка група беше кажано дека е остварен прогрес со оглед на остварената средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на која се разговарало за многу прашања. Во однос на Законот, бараат широк консензус и ја поддржуваат дебатата за изнаоѓање решение кое ќе даде мир на граѓаните кога е во прашање корупцијата. За претседателските избори, ја чекаат програмата на кандидатите во кампањата која започнува на 1 април.

На крајот, беше изразена благодарност до амбасадорот Самуел Жбогар за исклучителната енергија која ја има вложено во евроинтегративниот пат на земјата. Тој, пак, од своја страна, високо го цени она што го направиле овие осум пратеници, притоа изразувајќи разбирање за тешкиот пат низ кои поминале, со потенцирање дека нивните гласови се клучни во јуни да ѝ се даде можност на земјата.

Click