Активности

Четврток, 28 март 2019 година

Собраниска делегација на 16. состанок на МПК

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија, во состав: Горан Милевски, копретседавач; членовите Соња Мираковска, Жаклина Лазаревска и Шпреса Хадри; заменик-членот Мерал Узеири-Ферати и координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, учествува на 16. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет - Република Северна Македонија и Европска Унија - Парламентарен комитет за стабилизација и асоцијација во Европскиот парламент во Стразбур, Француската Република.

Мешовитиот парламентарен комитет се состанува двапати годишно, еднаш во работните простории на Европскиот парламент и еднаш во Собранието на Република Македонија, а пратениците од двата парламента, преку директен парламентарен дијалог, ги разгледуваат сите аспекти на односите со ЕУ.

На состанокот на МПК, пратениците од Собранието на Република Северна Македонија со своите колеги се задржаа на неколку аспекти на реформската агенда, и тоа за реформа на судството, борбата против организираниот криминал и корупцијата, реформата на безбедносните и разузнавачките служби, реформата на јавната администрација и човековите права и медиумите.

Пратениците во Европскиот парламент го поздравија стапувањето во сила на Преспанскиот договор, како јасна определба на Република Северна Македонија да ги решава билатералните спорови преку дијалог, да ги унапредува добрососедските односи и со тоа да го отвори патот кон процесот на евроатлантско интегрирање.

Во дискусиите, беа повикани и власта и опозицијата заеднички да обезбедат континуитет и фокус на реформите и видлив напредок на европскиот пат, како и за продолжување на спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ, а беше нагласено и дека земјата е добро подготвена за преговорите за пристапување, со оглед на нејзиниот долгогодишен кандидатски статус.   

Во името на Владата на Република Северна Македонија, на состанокот се обрати заменик-министерот на надворешни работи, Андреј Жерновски. Тој информираше за имплементацијата на итните реформски приоритети и испорачувањето на дополнителни одржливи резултати во клучните области и подвлече дека европската перспектива на земјата суштински влијае врз домашните реформи и поради тоа се надеваме дека годинава дефинитивно ќе добиеме датум за започнување на преговорите со ЕУ. 

На крајот на состанокот, пратениците на Собранието и на Европскиот парламент со мнозинство гласови усвоија заеднички препораки до Европскиот парламент, до Собранието и Владата на Република Северна Македонија, до Советот на ЕУ и до Европската комисија.   

Click