Активности

Петок, 29 март 2019 година

Средба Локвенец - Доузинас за почеток на една долга меѓусебна соработка

Претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на Република Северна Македонија, Хари Локвенец, оствари средба со Константинос Доузинас, претседател на Постојаниот комитет за национална одбрана и надворешни работи на Парламентот на Република Грција.

Во пријатна, пријателска атмосфера, двајцата соговорници имаа можност да разменат мислења и искуства од области на заемен интерес, притоа изразувајќи задоволство од потпишувањето на Преспанскиот договор и надминувањето на долгогодишниот спор. 

Оваа средба е во пресрет на посетата на грчката делегација, предводена од премиерот Алексис Ципрас, а меѓу кои и министерот за одбрана, за време на која ќе бидат потпишани меморандуми за соработка меѓу двете земји.

Пратеникот Локвенец го информира гостинот за реформскиот процес во земјата, која во јуни очекува датум за почеток на преговори. Во дискусијата стана збор и за странските инвестиции во земјава, проблемите со иселувањето на младите, тероризмот и миграциската криза во Европа. 

Гостинот даде идеја, во областа одбрана и безбедност, двете комисии да ја разгледаат можноста за формирање нова група за пријателство. Воедно, понуди отвореност за поддршка, помош, совети, споделување искуства и возвратна посета на Атина. 

Соговорниците изразија уверување дека оваа прва официјална посета, ќе биде само почеток на една долга меѓусебна соработка во рамките на Комисиите, институциите, армиите и воопшто меѓу двете држави.

Click