Активности

Петок, 16 ноември 2018 година

Средба на Комисијата за финансирање и буџет со претставниците на постојаната мисија на Меѓународниот монетарен фонд

Членовите на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија вчера одржаа средба со претставници на постојаната мисија на Меѓународниот монетарен фонд во Република Македонија.

На средбата беа разменети мислења за Буџетот и Ребалансот на Буџетот на Република Македонија, среднорочната фискална политика, измените на законската регулатива во делот на економијата, реформите во пензискиот ситем и фискалната децентрализација на општините.

Беше истакнато дека не се реализираат планираните стапки на економски раст за 2018 година што се потврди и со донесениот Ребаланс на Буџет кога стапката на економски раст од 3,2% планирана при донесување на Буџетот, се намали на 2,8%. Намалувањето на стапката на економски раст се должи на слабата реализација на капитални инвестиции кои што во првите девет месеци од годината се реализирани со 27,4%. Се изнесе мислење дека проекциите во Предлог Буџетот за 2019 година се нереални. Во однос на реформите во пензискиот систем се истакна дека позитивно е тоа што не се зголемува старосната граница за одење во пензија и што се зголемува стапката за придонеси за 0,5%.

Се изнесе дека во текот на 2018 година се донесе Закон за финансиска поддршка на инвестициите со што домашните и странските компании добија еднаков третман. Во првото полугодие од 2018 година странските директни инвестиции изнесуваат 327 милиони евра и е забележан раст на извозот. Во насока на зголемување на личната потрошувачка и мотивираност кај вработените со Предлог Буџетот за 2019 година се предвидува раст на платите во администрацијата.

Се истакна дека подобрена е транспарентноста во однос на управувањето со јавните финансии. Владата пристапи кон субвенционирање на платите во одредени индустриски гранки, но не се постигнаа посакуваните резултати, односно се забележува намалување на продуктивноста во овие гранки. Негативно беше оценета мерката со која се предвидени буџетски средства за покривање на дел од долговите на општините кои во значаен дел се поради нивно недомаќинско работење во минатото. Потребни се мерки за подобрување на состојбата со Блок дотациите за општините за основно и средно образование.

Се изнесе мислење дека како и за Буџетот за 2018 година, така и во Предлог Буџетот за 2019 година, Владата на Република Македонија најавува високи стапки на економски раст и реализација на низа проекти, но во реалноста се прават значителни отстапувања од она што им се ветува на граѓаните.

Беше истакнато дека Владата планира да воведе прогресивен данок бидејќи истиот е поправичен и е со цел побогатите да плаќаат поголеми даноци. Во текот на 2018 година беше издадена еврообврзница под најповолни услови која делумно се искористи за покривање на стари долгови. Во идниот период потребно е да се започне со среднорочно планирање на Буџетот како на локално, така и на централно ниво.

Се изнесе дека потребна е реформа во делот на финансирање на единиците на локалната самоуправа преку зголемување на процентот од ДДВ кој се издвојува за општините. Негативно беше оценето законското решение со кое се ограничува правото на општините слободно да го планираат обемот на своите изворни приходи.   

На крајот средбата беше позитивно оценета со надеж дека ваквите средби ќе продолжат и во иднина бидејќи овозможуваат размена на мислења и запознавање со политиките кои се преземаат како од страна на Република Македонија така и од Меѓународниот монетарен фонд.




Click