Активности

Среда, 27 март 2019 година

Средба на Комисијата за транспорт, врски и екологија со Здружението на граѓани Флорозон

Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Северна Македонија одржа средба со Здружението на граѓани Флорозон - Центар за еколошка демократија, на која беше договорена меѓусебна соработка во рамките на проектот „Еднаков пристап за ефективна правда“.

Средбата ја водеше претседателката на Комисијата, Лилјана Затуроска, а присутни беа членовите: Костадин Ацевски, Мирослав Јовановиќ, Диме Велковски, Слаѓана Митовска, Никола Мицевски и Агим Муртезанов. Интерес за средбата пројави и пратеникот Стојан Миланов. Проектниот тим на Флорозон го сочинуваа: Кирил Ристовски, Билјана Матевска и Ангела Димеска.

Претседателот на ЦЕД Флорозон, Кирил Ристовски, и проектниот координатор Билјана Матевска, го претставиja Проектот и проектните активности, а Ангела Димеска ги презентираше заклучоците од првата средба на Националното координативно тело, нагласувајќи кои се очекувањата од предвидената асистенција и поддршка од страна на Собранието и конкретно од Комисијата.

Претставниците на Флорозон дискутираа за дејностите каде што е потребна поддршката од Комисијата и тоа во однос на областа на повреда на правото на животната средина, во областите за бесплатна правна помош на новиот Закон за бесплатна правна помош и воведување на можноста за групни претставки во Законот за бесплатна правна помош, за кои би важеле истите критериуми како и за физичко лице.

Во продолжение на средбата беа презентирани и проблемите со кои се соочуваат граѓанските организации за правна помош, каде што најголем проблем се вештаците и нивната подготвеност, како и едукација на судиите за предмети од животната средина по светски стандарди.

Претседателката на Комисијата, Лилјана Затуроска и членовите Костадин Ацевски, Диме Велковски и Слаѓана Митовска, зедоа активно учество во дискусијата со свои мислења и предлози од кои произлегоа заклучоци за идно учество на Комисијата во Националното коориднативно тело и потенцијално организирање на јавна расправа.

Click