Активности

Среда, 18 декември 2019

Средба на пратеничката Рангелова со хрватска собраниска делегација

Претседателката на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Република Хрватска, Даниела Рангелова, на барање на новоименувата хрватска амбасадорка Нивес Тигањ, оствари средба со хрватска тричлена делегација, предводена од Арсен Баук, претседател на Пратеничката група на Парламентот на Република Хрватска за пријателство со Собранието на Република Северна Македонија.

На почетокот од средбата, Рангелова изрази благодарност за хрватската поддршка за добивање датум за членство во Европската Унија, за што е испратено писмо и до Хрватската амбасада во нашата земја.

Гостите само ја потврдија досегашната и идна поддршка по ова прашање и беа децидни дека вложените напори на патот кон ЕУ, особено со решавањето на спорот со името со Грција, требаше да бидат соодветно возвратени и дека неотворањето пристапни преговори е голема неправда, особено што нивното отворање, не значи дека ќе бидат затворени доколку заостануваат реформите.

Рангелова ја информираше гостинската делегација дека кај граѓаните има консензус за влез во големото европско семејство, но дека премногу се чека пред вратата на ЕУ и посебно дека со промената на името се очекуваше таа врата да биде отворена.

Од хрватската страна се сложија дека секој нов круг пристапување на нови земји членки во Унијата е сѐ покомплициран, затоа што се гледа лошото искуство од претходниот круг и се поставуваат нови критериуми кои го отежнуваат идното членство на други земји, особено во пакет.

Во пријателска атмосфера, како претставници на две земји кои немаат отворени билатерални прашања, присутните имаа можност да разменат мислења и искуства и на повеќе други теми, како начинот на гласање во двата Парламента и актуелниот т.н. Мал Шенген.

Како претседателка и на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Рангелова пројави интерес за застапеноста на жените во политичкиот живот на Хрватска, правото на абортус, дискриминацијата и ЛГБТИ правата, вклучувајќи ги истополовите бракови и говорот на омраза, по што следеше отворена дискусија по истите.

На крајот, присутните се согласија за продлабочување на соработката, со уште повеќе вакви и друг тип средби на сите нивоа.      

Click