Активности

Среда, 6 декември 2017 година

Средба на претседателот Џафери и директорот на Канцеларијата за Јужна и Централна Европа во Стејт Департментот, г. Метју Палмер 

Денеска во Вашингтон, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со г. Метју Палмер, директор на Канцеларијата за Јужна и Централна Европа во Стејт Департментот. 

На почетокот на средбата, претседателот Џафери се заблагодари за можноста да се сретне со претставник на земја која е стратешки партнер и со која Република Македонија гради одлични и динамични билатерални односи. 

Претседателот на Собранието истакна дека интеграцијата во НАТО и ЕУ остануваат врвен, државен, политички и стратешки приоритет. Законодавниот дом се приклучува кон заложбите за реформските процеси кои се приоритет како на парламентарното мнозинство, така и на сите политички чинители во државата, при што и конструктивноста на опозицијата е од суштинско значење. Во таа насока, поддршката од УСАИД е повеќе од добредојдена и значително придонесува во демократскиот развој на земјата. 

Директорот на Канцеларијата за Јужна и Централна Европа во Стејт Департментот, г. Палмер, ѝ посака добредојде на делегацијата од Собранието на Република Македонија и изрази зборови на висока почит за исклучителната улога на претседателот Џафери во олеснувањето на транзицијата на власта и враќањето на функционалноста на законодавниот дом. 

За време на средбата, двајцата соговорници разговараа за актуелните политички случувања во земјата, при што се согласија дека судската власт треба да е независна и транспарентна во донесувањето на одлуките, но и да води сметка за интересот на државата и доброто на граѓаните.   

Господин Метју Палмер истакна дека Соединетите Американски Држави се грижат за демократските процеси и владеењето на правото во Република Македонија, бидејќи во неа гледаат посветен партнер кој ќе продолжат да го поддржуваат и во иднина.   

Click