Активности

Среда, 16 мај 2018 година

Средба на претседателот Џафери со поранешниот претседател на Република Словенија, г. Милан Кучан

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со поранешниот претседател на Република Словенија, г. Милан Кучан. На средбата, присуствуваа и пратениците од Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Словенија, г-ѓа Фросина Ташевска Ременски, г-ѓа Шпреса Хадри и г. Неџбедин Каремани. 

Претседателот Џафери изрази задоволство од одличните односи меѓу двете земји, без отворени прашања и благодарност за континуираната и принципиелна поддршка на Република Словенија на Република Македонија за членство во НАТО и ЕУ. Тој го информираше соговорникот за случувањата во Република Македонија во изминатата година, за донесувањето на пакетот на реформски закони заедно со опозицијата како дел од приоритетните области од Планот 3-6-9, за потпишувањето и ратификацијата на Договорот со Република Бугарија во делот на подобрувањето на односите со соседите и интензивирањето на разговорите со Република Грција за надминување на спорот околу прашањето на името на Република Македонија. 

Поранешниот претседател Кучан, како личен сведок на осамостојувањето на државата Македонија, нагласи дека земјата покрај соочувањето со препреки во внатрешните односи, се соочила и со препреки во надворешните односи со соседите, препреки кои не зависат од добрата волја од страна на Македонија, ниту од нејзините заложби. Во однос на претстојниот Самит во Софија, претседателот Кучан изрази надеж дека истиот ќе ги откочи интеграциските процеси за земјите од Западен Балкан кои беа блокирани поради неможноста за првенствено продлабочување на внатрешните односи меѓу земјите членки во Унијата, што следствено требаше да доведе до прием на нови земји членки. Словенија секогаш ќе ја поддржува Македонија во нејзините евроатлански аспирации, особено поради фактот што земјата успеа да демонстрира решителност и исполнителност на својот дел од задачата кон Европската Унија и НАТО, а сега останува на нив да го исполнат својот дел од таа задача. 

Соговорниците беа согласни за значењето на досегашната одлична соработка меѓу парламентите на Република Македонија и Република Словенија, а особено за потребата од нејзино интензивирање во иднина.