Активности

Петок, 13 јули 2018, Варшава

Средба на претседателот Џафери со претседателот на парламентот на Чешката Република, г. Радек Вондрачек 

Во рамките на 3. Самит на спикери на парламенти на Централна и Источна Европа и прославата на 550 години полски парламентаризам, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери оствари билатерална средба со својот хомолог од Чешкиот парламент, г. Радек Вондрачек. 

За време на средбата, двајцата соговорници разговараа за актуелните состојби во земјите и во регионот и заемно констатираа дека самити од ваков вид се одлична можност за зајакнување на парламентарната дипломатија, што и впрочем беше во фокусот на овој самит во Варшава. Со задоволство, двајцата колеги се согласија дека постои одлична соработка меѓу двете земји на многу полиња, а особено на полето на миграциската криза, каде чешките безбедносни сили заедно со безбедносните сили на Република Македонија, на исклучително високо и професионално ниво ја вршат својата должност на обезбедување на јужната граница. 

Претседателот Џафери истакна дека, еден од приоритетите на неговиот мандат како претседател на законодавниот дом е парламентарната дипломатија, како директен и неоптоварен начин за директна комуникација меѓу парламентите. Тоа претставува солидна основа за развивање на односите на повеќе нивоа на земјите од  регионот и пошироко. Република Македонија високо ја цени континуираната поддршка што Република Чешка ја дава во сите меѓународни организации каде полноправно членува.

Од своја страна, г. Вондрачек нагласи дека за Република Чешка, интегрирањето на земјите од Западен Балкан во европското семејство е единствена алтернатива за безбедноста и стабилноста на регионот. Чешката Република го очекува поскорешното приклучување на Република Македонија во европското семејство.

На крајот од средбата, претседателот на парламентот на Чешката Република, му врачи на претседателот Џафери покана за официјална посета на Чешката Република.  

Click