Активности

Четврток, 27 јули 2017 година

Сто дена од изборот на г. Талат  Џафери за претседател на Собранието 

Бидејќи се навршуваат 100 дена од мојот избор на функцијата претседател на Собранието на Република Македонија, чувствувам потреба да се обратам на јавноста и да ја информирам за активностите кои се реализирани досега, како и за активностите кои што треба во иднина да се реализираат.

Ова е само првиот чекор во насока на постигнување на поголема транспарентност на законодавниот дом и негово приближување до граѓаните.

Од редовните активности што се предвидени со Деловникот за работа на Собранието, досега се реализирани следните:

  • Редовни координативни средби со координаторите на политичките партии (освен ВМРО-ДПМНЕ), на кои што присуствува и претставник од Влада;
  • Одржани се вкупно 9 собраниски седници, од кои 4 се незавршени; 
  • Работните тела се веќе во полн состав и работат со полн капацитет;
  • Реактивиран е Клубот на пратенички;
  • Делегациите за мултилатерална соработка се исто така оформени, а во процес на дооформување се и пратеничките групи за соработка со Парламентите на другите држави; 
  • Избран е Генерален секретар на Собранието со што и се овозможува на Службата да работи со полн капацитет, додека постапката за назначување на дополнителни тројца заменици на генералниот секретар е во тек; 
  • Донесени се 5 закони;
  • Остварени се вкупно 39 меѓународни активности од кои 28 средби со ополномоштени резидентни и нерезидентни амбасадори во Република Македонија од соседните држави, земјите на Европска Унија, Азија, Медитеранот како и шефовите на Делегации, Претставништва и Канцеларии во Република Македонија; 
  • На почетокот на мојот мандат имав работна средба со амбасадорите на земјите членки на ЕУ; 
  • Реализирани се две работни посети, првата во Брисел и втората на Парламентарниот безбедносен форум во Рига;
  • Мојата прва официјална посета во својство на претседател на Собранието на Република Македонија беше во Црна Гора, најновата земја членка на НАТО, кое што е и наша стратешка определба;
  • Продолжуваме со меѓународната активност која што ќе се одвива на сите нивоа: учество на конференции, на меѓународни настани, како и организирање на такви меѓународни настани во Република Македонија; 
  • Во насока на отворање на Собранието за невладиниот сектор, досега веќе бевме домаќини на 2 настана: Регионалната тркалезна маса на Фондацијата Вестминстер и настанот за Заштита на Охридскиот регион. Се обратив на конференцијата на МОСТ на тема „Вклучени граѓани за одговорно и транспарентно Собрание“, на конференцијата на Институтот за демократија (Societas civilis) на тема „Зајакнување на улогата на Собранието - помеѓу реформите и политичката волја“ и на тркалезната маса на тема „Собранието и граѓанските организации“. 
  • Во контекст на отвореноста на Парламентот, ќе додадам дека во тек е активирање на нова алатка, наречена „е-Прозорец“  што им овозможува на граѓаните да може да се пријават за присуство на пленарните седници. Исто така додадена е нова алатка преку која ќе можете да се запознаете посебно со активостите на пратениците означена под името „Средби";
  • Во однос на „Планот 3-6-9“, како Собрание даваме целосна поддршка на реализацијата на реформаторската програма на Владата во полза на нашите граѓани;
  • Уште едно прашање кое мислам дека ги засега сите граѓани, локалните избори, може да кажам дека доколку сè тече според предвидената динамика, очекувам на 6. август да ги распишам локалните избори кои би се одржале на 15. октомври.  
  • Дополнително, ве известувам дека пратениците ќе бидат на одмор од 4. август.
Click