Hidden render

Четврток, 21 февруари 2019 година 

Груби - Ангелов: Брисел го најдовме во Софија

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, Артан Груби, денеска имаше средба со амбасадорот на  Република Бугарија  во  Република Северна Македонија г. Ангел Ангелов.

Амбасадорот Ангелов ја потврди бугарската пријателска поддршка на сите полиња, која е присутна и во политичкиот и во економскиот живот на двете соседни земји. Притоа, информира за најавата за основање на огранок на Светската банка во Софија, со цел поддршка на изградбата на Коридорот 8, Бургас - Софија - Драч, со патна и железничка инфраструктура. Истакна дека Бугарија го поддржува проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан и со овој проект ќе настојува да го оддржува и понатаму фокусот на ЕУ за Регионот, покрај на политички, и на економски план.

Пратеникот Груби изрази задоволство за убавата вест во однос на интензивирањето на напорите за  што побрзо реализирање на Коридорот 8, кој е од огромно значење за Регионот, посебно за Бугарија, Северна Македонија и Албанија. 

Исто така, Груби се заблагодари и за поддршката на Република Бугарија за време на Бугарското претседателство со ЕУ минатата година, кога Бугарија високо во својата агенда го стави ЕУ проширувањето со земјите од Западен Балкан и за нас Софија беше всушност Брисел на Балканот.

Груби посебно ја нагласи поддршката на Софија за нашите евроинтегративни процеси, која е во континуитет и е многу важна, особено во светлото на претстојниот самит на ЕУ во јуни, кога очекуваме да добиеме и датум за преговори. Во тој контекст, информираше за актуелните случувања во земјата, која е во пресрет на претседателските избори, но и на годишниот извештај за напредокот на земјата, во кој очекуваме препорака за почеток на преговорите за ЕУ членство.

Click