Hidden render

Понеделник, 28 јануари 2019 година

Груби- Тицињски – Успешно сработени ЕУ задачи во Собранието   

Денеска, претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, Артан Груби, имаше средба со полскиот амбасадор во Македонија, Војциех Тицињски.

На средбата Груби го потенцира значењето на заокружувањето на решението на прашањето за името со Република Грција, по објавувањето на ратификуваниот договор во службениот весник на земјата. Исто така, информира и за сработените задачите, кои Собранието ги направи неодамна, како што е донесениот закон за борба со корупцијата и судирот на интереси, реформите во безбедносниот сектор и законите од областа на правосудството, кои го поминаа првото читање и се во собраниска процедура. Како значаен чекор напред, во исполнувањето на политичките критериуми за влез во Европската унија, го посочи и влегувањето во сила на законот за употребата на јазиците, со што се заокружи имплементацијата на Охридскиот Рамковен Договор, а кој е во насока на подобрување на правата на албанците во државата. 

Амбасадорот го повтори ставот на Полска, во однос на прашањето за проширувањето на ЕУ, дека ги поддржува политиките на проширувањето, и дека земјите од Западен Балкан треба да се приклучат во ЕУ. За претстојниот самит, кој во рамките на Берлинскиот процес, годинава ќе се оддржи во Полска, изрази надеж дека ќе се испрати сигнал дека Западниот Балкан наскоро ќе биде во ЕУ и во таа насока ќе се фокусира на промовирање на стабилност, економски развој, зголемување на животниот стандард и економска соработка и безбедност. 

Во однос поддршката на Македонија на патот кон ЕУ и Нато,истакна дека таа нема да изостане, и дека двете земји имаат одлични односи на сите полиња. Во тој контекст го поздрави значителното зголемување на стопанската размена по 2016 година, како и директната линија меѓу Скопје и Варшава.  

Заедничка беше констатацијата дека на земјата и претстојат многу обврски, кои ќе произлезат по почетокот на преговорите по поглавјата, при што беше истакнато дека преговорите во врска со земјоделските политики се  едни од најтешките и најобемните, за што Полска е подготвена да даде секаков вид на поддршка.








Click