Hidden render

Понеделник, 30 октомври 2017 година

Пратеникот Атанасов оствари средба со претставници на НВО

Претседателот на Комисијата за образование, наука и спорт, г. Петар Атанасов оствари средба со Дона Костуранова од Младинскиот образовен форум, Драги Змијанац од Првата детска амбасада Меѓаши и Зоран Илиески од Коалицијата на младински организации СЕГА. 

Претставниците на овие невладини организации, чиј домен на интерес се правата на младите во Република Македонија, информираа за заедничката иницијатива за институционализирање на средношколското организирање. Трите организации имаат иницијатива за законска измена за Законот за средно образование, со цел воспоставување на законска рамка за институционално учеството на средношколците и можноста тие да ги искажуваат своите ставови во однос на образовниот процес. Со оваа законска измена на учениците би им се гарантирало правото на учество и носење одлуки кои директно ги засегаат.

Притоа, претставниците на МОФ, Меѓаши и Коалицијата СЕГА информираа дека веќе имаат подготвено законски предлог за изменувања и дополнување на соодветната законска регулатива, за што оствариле средба и со Министерството за образование. Истакнувајќи го значењето на поддршката на собраниската Комисија за образование, наука и спорт на оваа иницијатива, побараа одржување јавна расправа на која сите заинтересирани групи и организации ќе може да се произнесат по ова прашање. 

Претседателот на Комисијата, г. Петар Атанасов изрази поддршка за граѓанската иницијатива која е добра основа за промени кои ќе овозможат младите генерации од најмлада возраст да го градат својот интегритет како активни граѓани на нашето општество. 

Click