Hidden render

Среда, 13 септември 2017 година

Средба на пратеникот Димитриевски со потполковник Бурхан Урек

Пратеникот Максим Димитриевски, претседател на Комисијата за одбрана и безбедност, вчера во Собранието на Република Македонија се сретна со потполковник Бурхан Урек, новоназначеното резидентно одбранбено аташе (ОА) на Република Турција во Република Македонија.

Господин Димитриевски му посака успешна работа на потполковник Бурхан Урек, новоназначеното резидентно одбранбено аташе на Република Турција во Република Македонија, кој во наредниот период ќе ја извршува оваа должност, истакнувајќи го задоволството за односите меѓу двете држави кои се на високо ниво, засновани врз Стратегијата за зајакнување на билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Турција.

Тој нагласи дека севкупните македонско-турските односи се карактеризираат со дух на традиционално пријателство, меѓусебно разбирање, толеранција и активна соработка, но и со неискористени можности за нивно продлабочување во повеќе сфери од заемен интерес. 

Исто така, господин Димитриевски истакна дека меѓу парламентите на двете држави се остварува редовна и успешна соработка, како на највисоко ниво, преку посети на претседателите на двата парламента, така и преку посети на  парламентарните  групи за соработка и пријателство и комисии. Претставниците на извршната власт на Турција, исто така, редовно остваруваат средби со пратениците од Собранието на Република Македонија.

Двајцата соговорници изразија задоволство од остварувањето на редовните средби на сите нивоа помеѓу двете држави, како и од одличната соработка на регионално и мултилатерално ниво.

Тие се согласија дека од големо значење е отворената меѓусебна поддршка за евроинтегративните процеси и силната поддршка на Република Турција за членство на Република Македонија во НАТО, како и експлицитната заложба за користење на уставното име. Договорната состојба ги покрива речиси сите полиња од заеднички интерес.

Потполковникот Урек ја истакна својата подготвеност за понатамошна соработка со Комисијата за одбрана и безбедност во однос на реформите во одбранбено-безбедносниот сектор и се заблагодари на поканата за остварување на ваков вид на средба. 

Click