Hidden render

Четврток, 2 ноември 2017 година

Средба на пратеникот Груби со амбасадорот Станила

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Артан Груби, денеска имаше средба со амбасадорот на Република Романија во Република Македонија  Н.Е. Виорел Станила.

На средбата со амбасадорот, г. Груби ги потенцираше конкретните мерки кои се преземаат во насока на исполнување на сите неопходни критериуми за почеток на преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ и за зачленување во НАТО.

Груби ја нагласи важностa oд ЕУ и НАТО интеграцијата, како и нејзината поврзаност со внатрешните реформи. Во овој контекст тој потцрта дека резултатите на локалните избори во Македонија се истовремено и потврда и дополнителна одговорност за да се реализира реформската и европската агенда на актуелното владејачко мнозинство. 

Имајќи ја предвид идната тројка составена од Бугарија, Австрија и Романија која во перодот што следи ќе претседава со Европската унија, Груби упати апел до амбасадорот во рамките на нивните приоритети да се посвети особено внимание на политиката на проширувањето.  Процесот на проширувањето да биде заснован на критериуми, заслуги и мора да биде фер, а перцепцијата за позитивна динамика на проширување ќе биде и дополнителен поттик на домашните реформи. Поддршката од Република Романија ќе биде значајна за да добиеме позитивна препорака од ЕК и политичка одлука за почеток на преговорите во јуни идната година.

Груби повтори дека следниве месеци треба да се искористат за забрзување на реформите, а не да се размислува или говори за предвремени избори затоа што време е за испорака на ветеното и очекуваното од нашите партнери во Брисел и Вашингтон.

Амбасадорот Станила изјави дека Романија и понатаму е силен поддржувач на процесот на проширување на ЕУ со нови земји  членки, при што ја поддржа посветеноста на Владата за евоинтегративните процеси. 

Тој истакна дека е неопходно земјата да ги спроведе потребните ЕУ реформи, со цел да  се подобрат животните услови на сите граѓани во државата.

Click