2014

Понеделник, 20 јануари 2014 година

ИЗВЕШТАЈ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ЗА ПРИМЕНА НА ЕВРОПСКИТЕ ДИРЕКТИВИ ЗА ЕДНАКВОСТ - 2000/43/EЗ И 2000/78/EЗ

Принципот на анти-дискриминација претставува еден од основните принципи на Европската унија, сите се еднакви пред законите и секој има право да го живее својот живот слободно без дискриминација.

Во Европската унија во 2000 година усвоени се Директивата за воспоставување на општа рамка за еднаков третман во вработувањето и занимањето 2000/43/EЗ и Директивата за спроведување на принципот за еднаков третман на луѓето без разлика на нивната раса или етничко потекло 2000/78/EЗ. Правилата на ЕУ за справување со дискриминацијата врз основа на расно, етничко потекло, религиозно верување, попреченост, возраст или сексуална ориентација, сега се имплементирани во националните законодавства на сите земји-членки, воспоставени се процедури и национални тела за спроведување на директивите. Административните и судските органи, како и националните тела за еднаквост на земјите членки на ЕУ, се одговорни да обезбедат целосна заштита на секој поединец.

Во Извештајот на Европската комисија, објавен на 17 јануари 2014 година, даден е преглед на состојбата во изминатите 13 години од усвојувањето на директивите. Врз основа на прегледот на националните искуства, сеуште постојат предизвици околу примената на директивите за еднаквост. Во извештајот на Комисијата, се повикува на потребата за преземање на натамошни напори за примена на правилата на ЕУ во пракса, како и сигурност дека се обезбедува ефикасна заштита на жртвите од дискриминација.

Клучен предизвик за земјите-членки останува зголемување на јавната свест за заштитата на правата и подобрување на известувањето на случаите на дискриминација. Со цел да се обезбеди соодветна примена на правилата на ЕУ за подеднаков третман, Комисијата препорача земјите-членки да продолжат со напорите за подигнување на јавната свест за анти-дискриминација, напорите да се фокусираат на групите кои се најмногу изложени на ризици, вклучително и синдикатите и работодавачите. Земјите-членки треба да продолжат со напорите за олеснување на пријавувањето на жртвите на дискриминација преку подобрување на механизмите за жалба. Клучна улога во овој сегмент имаат националните тела за еднаквост. Зајакнувањето на нивната улога ќе претставува клучен придонес за поефикасна имплементација и примена на европските директиви за еднаквост. Исто така земјите-членки се повикуваат да продолжат со напорите за обезбедување на пристап до правдата за луѓето погодени од дискриминација. Со цел да се поддржи овој процес, Комисијата обезбедува финансиска помош за зголемување на јавната свест и за обуки на правните експерти од соодветната област.

Информации од следните линкови:
http://ec.europa.eu/justice/newsroom/discrimination/news/140117_en.htm
http://ec.europa.eu/justice/discrimination/index_en.htm

Click