2014

Четврток, 30 јануари 2014 година

РЕФОРМА НА ЗАШТИТАТА НА ПОДАТОЦИТЕ ВО ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Во Европската унија заштитата на податоците претставува фундаментално право. Постојната законска рамка за заштита на податоците во ЕУ е усвоена во 1995 година. Технолошката револуција и промените во светот кои следеа како резултат на истата, во голема мера се одразија на квантитетот и квалитетот на личните податоци достапни на единствениот дигитален пазар. Податоците денес се користат од страна на сите бизниси, од осигурителните компании до социјалните медиумски веб страници и пребарувачи. Пренесувањето на податоци во трети земји претставува важен фактор во секојдневниот живот.

Голем дел од популацијата нема целосна доверба за да ги дадат своите лични податоци, околу 92% од граѓаните на ЕУ се загрижени во врска со собирањето на нивните лични податоци преку мобилните апликации, без нивна согласност.Околу 89% од граѓаните се изјасниле дека сакаат да знаат кога податоците од нивните паметни телефони се споделуваат со трета страна. Преку сигурни и конзистено применети правила ќе се придонесе за побезбедна обработка на податоците и за зајакнување на довербата кај граѓаните.

Пред две години, Европската комисија на 25 јануари 2012 година предложи голема реформа на правилата на ЕУ за заштита на податоците, со цел зајакнување на правото на приватноста на интернет и на европската дигитална економија. Реформата се состои од предлог-регулатива која ќе претставува општа рамка на ЕУ за обработка на податоците во јавниот и приватниот сектор како и предлог-директива за заштита на личните податоци кои се предмет на обработка.

На 21 октомври 2013 година, Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи на Европскиот парламент, со големо мнозинство го поддржа предлогот на Европската комисија. 

Новата реформа на заштита на податоците беше постојана тема на дискусија на состаноците на министрите во Советот за правда на ЕУ. Во октомври 2013 година министрите за правда постигнаа договор за принципот на механизмот на едношалтерски систем - секоја компанија која работи на единствениот пазар треба да има единствен регулаторен соговорник во ЕУ. Исто така во октомври минатата година, на самитот на Европскиот совет беше постигната согласност за воспоставување на регулативата за заштита на податоците кај сите земји-членки најдоцна до 2015 година.

Во моментот новите предлози се дискутираат во Европскиот парламент и во Советот на ЕУ. Реформата на заштитата на податоците е во приоритетите и на актуелното Грчко претседателство со Советот на ЕУ. Се очекува Европскиот парламент да ги усвои предлозите на Комисијата во прво читање на пленарна седница во април годинава.

Информации од следните линкови:
http://ec.europa.eu/justice/data-protection
http://ec.europa.eu/justice/newsroom/data-protection/news/120125_en.htm

Click