Совети

Понеделник, 15 февруари 2016 година

ЈАВНА РАСПРАВА НА ТЕМА ''ГЕЈМИНГОТ КАКО КОМЕРЦИЈАЛНА ДЕЈНОСТ''

Националниот совет за евроинтеграции на 12 февруари 2016 година организираше јавна расправа на тема "Гејмингот како комерцијална дејност". На јавната расправа беа поканети претседателите и членовите на: Комисијата за европски прашања, Комисијата за надворешни работи, Мешовитиот парламентарен комитет РМ и ЕУ, Комисијата за транспорт, врски и екологија, Комисијата за труд и социјална политика, Комисијата за образование, наука и спорт, Комисијата за здравство, Комисијата за еднакви можности за жените и мажите, како и претставници од државни институции, организации на граѓанското општество и претставници на Македонската заедница на гејмери.

На јавната расправа воведни излагања имаа претставниците од заедницата на гејмери: г-ѓа Ана Тодоровиќ на тема "Гејмингот и образованието вклучително и вештините", г.Мартин Поповски на тема "Гејмингот и популарноста", г.Кирил Огненов на тема "Негативните страни на гејмингот", и г.Самоил Петревски за темата "Дали гејмингот е комерцијална дејност". 

Во воведните излагања беше истакната оправданоста на некои видеоигри како едукативни и образовни алатки, од чија употреба во праксата беа посочени примери дека од нив подобро може да се научи историја отколку од учебници. Беа посочени истражувања според кои видео игрите помагаат за развојот и едукација на децата. Вртоглавиот раст на гејминг индустријата и е-спортот беа посочени како еден од аргументите за популарноста и важноста на оваа дејност во моментот, но и во иднина. Од аспект на негативните страни на гејмингот беа посочени асоцијалноста, бегањето од реалноста, здравствени ризици, зависноста како еден вид на неконтрола, агресивноста, но од друга страна беа истакнати и предностите од гејмингот, пред сè можноста да се создаде тимски дух и комуникација. Беше истакната важноста на гејмингот за бизнисот и особено значењето на турнирите на национално и на меѓународно ниво кои се шанса за најдобрите гејмери (програмери, дизајнери, артисти во гејминг индустријата) за да се вработат или отварање на можности за студија за игри. 

Со свои мислења, предлози и коментари на јавната расправа учествуваа: г.Антони Пешев претставник од Стопанската комора на Македонија, г-ѓа Тамара Ресавска и г-ѓа Адријана Селмани од Фондацијата "Метармофозис", г.Бобан Тотовски претставник од "ТНТ" и претседател на Македонската федерација за e-спорт; г.Стефан Алексиќ од Младински образовен форум; г.Горазд Димов од План 4Д; од заедницата на гејмери: г.Јане Здравевски, г.Стефан Петков, г.Мартин Стојановски, г.Емир Муриќ, г.Александар Димовски, г.Игор Цветковски, г.Аврам Ќипровски, г.Оливер Здравевски, г.Мартин Поповски.

На јавната расправа беа изнесени голем број на различни мислења и ставови од кои како клучни поенти може да се согледа дека: има потреба гејмингот да се признае како е-спорт со цел да добие соодветен институционален третман; постои потреба од поддршка преку посебна федерација која ќе ги застапува интересите на гејмерите; потреба за набавка на акредитации и лиценци; гејмингот може да најде соодветна примена во образованието особено во наставниот процес за совладување на наставната програма; гејмингот може значително да го подобри совладувањето на група на вештини (тимска работа, учење на странски јазици, пристап до решавање проблеми, родова свесност и др); гејмингот преку учеството во меѓународните турнири е одлична можност за популаризација на Република Македонија на меѓународно ниво; гејмингот отвара големи можности за бизнисот и истите треба да се искористат; има потреба гејмингот законски да се регулира и соодветно финансиски да се поддржи; има потреба за организирање на повеќе дебати во иднина и за зголемување на јавната свест кај граѓаните за оваа дејност; проблемот на безбедностa и заштита на личните податоци е поврзан со свесноста на дејноста-гејминг.  


 извештај          стенографски белешки 

Click