Совети

Вторник, 13 септември 2016 година

Јавна расправа на тема „Раскрстување со минатото според препораките на Европската комисија“

Националниот совет за евроинтеграции денеска организираше јавна расправа на тема „Раскрстување со минатото според препораките на Европската комисија“. Целта на јавната расправа беше да се отвори дебата за реализацијата на препораките од Европската комисија од Итните реформски приоритети од јуни 2015 година, кои се однесуваат на лустрацијата. 

На јавната расправа беа поканети претседателите и членовите на Комисијата за европски прашања, Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците во Собранието на Република Македонија, Комисијата за верификација на фактите, Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Народниот правобранител, Дирекцијата за заштита на лични податоци, Управниот суд, Вишиот управен суд, претставници од институции и организации на граѓанското општество кои се вклучени во процесот на лустрација и негова анализа.

На јавната расправа присуствуваа и претставници од Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија.

Во рамки на Итните реформски приоритети за Република Македонија од Европската комисија од јуни 2015 година, е нотирано дека треба да се адресираат сериозните недостатоци на лустрацијата и да се ревидира/повлече Законот за лустрација и неговото спроведување (особено имајќи го предвид amicus curiae мислењето на Венецијанската комисија) во однос на временските ограничувања, заштитата од политички, идеолошки или партиски причини кои се користат како основи за лустрација, како и исклучување на лица на приватни или полуприватни позиции и посилна заштита на идентитетот на субјектите до конечната судска одлука.

Собранието на Република Македонија постапи по овие препораки и на 21.8.2015 година го донесе Законот за престанување на важноста на Законот на определување услов за вршење јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност, со што Законот за лустрирање престана да важи од 1 септември 2015 година.

На јавната расправа беа изнесени мислења и ставови во однос на временската рамка која го опфаќа процесот на лустрација во Република Македонија, последиците врз општествено-политичкиот живот во државата од спроведувањето на лустрацијата, карактеристиките на моделот на лустрација спроведен во Република Македонија и негова споредба со моделите на лустрација реализирани во источно-европските земји.

Присутните дебатираа и за импликациите од процесот на лустрација врз безбедносниот систем на државата, неговата транспарентност, стигматизацијата на лустрираните граѓани, како и можноста за остварување на материјална и морална сатисфакција во случај на неправедно спроведена лустрација.

Со свои мислења, предлози и коментари на јавната расправа учествуваа: г. Владимир Пивоваров од МИТ Универзитет-Скопје; г. Темелко Ристески од Институт за човекови права; г. Никола Бабовски, претседател на Демократскиот сојуз на Власите; г. Благоја Гешоски и г. Чедомир Дамјановски, поранешни членови на Комисијата за верификација на фактите; г. Трендафил Ивановски, поранешен судија на Уставниот суд и лустриран граѓанин; г. Сашо Орданоски, новинар; г. Никола Костурски, лустриран граѓанин; г-ѓа Нора Шаќири-Марковиќ, граѓански активист; г. Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование; г. Ставре Џиков и г. Игор Спировски, адвокати; г. Ване Цветанов од Здружението на граѓани Зелена Лупа – Скопје; г. Томе Аџиев, претседател на Комисијата за верификација на фактите; проф. д-р Новица Велјановски, г-ѓа Ристана Лалчевска и г. Предраг Димитровски, членови на Комисијата за верификација на фактите; г. Љубомир Јосифовски, г. Васко Ковачевски и  г. Орхан Ибраими, пратеници во Собранието на Република Македонија.

 

 извештај    стенографски белешки

Click