Вторник, 16 октомври 2012 година
Јубилејна конференција на парламентарната димензија на ПСЈИЕ
Собранието на Република Македонија, во рамки на парламентарната димензија на Македонското претседателство со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, вчера и денеска (15-16 октомври 2012 година), е домаќин на Меѓународната конференција „15 години од парламентарната димензија на ПСЈИЕ - минатото, сегашноста и европската иднина на Регионот“ и 7. состанок на Работната група за Парламентарната димензија на ПСЈИЕ.
Конференцијата ја отвори модераторот, г-ѓа Ермира Мехмети-Деваја, претседател на Работната група за Парламентарната димензија на ПСЈИЕ, а поздравно обраќање имаше претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски.
Исто така, свои обраќања на Конференцијата имаа и заменик-министерот за надворешни работи, г. Зоран Петров; г. Ѓерј Мура од Регионалниот совет за соработка; д-р Хајнц Богатц, постојан претставник на „Фридрих Еберт Штифтунг“ канцеларија Скопје; г. Димитар Мирчев, почесен претседател на ЕММ и г-ѓа Петра Блес, поранешен потпретседател на Бундестагот и висок експерт.
Претседателот на Работната група, г-ѓа Ермира Мехмети-Деваја, изрази благодарност до присутните на оваа јубилејна конференција и воедно потсети на покренатата иницијатива за регионална соработка на ЈИЕ на состанокот на министрите за надворешни работи, одржан во Софија во 1996 година, под името Процес на добрососедство, стабилност, безбедност и соработка, кој подоцна, во текот на претседателството на Романија во 2000 година, е преименуван во Процес за соработка во Југоисточна Европа.
Како базичен документ се смета Повелбата за добрососедски односи, стабилност, безбедност и соработка во ЈИЕ, усвоена во Букурешт, која по донесувањето се потпишува при приемот на новите членови.
Со повремен дисконтинуитет досега се одржани девет конференции на претседатели на парламентите на земји-членки на ПСЈИЕ.
На конференцијата обраќања имаа и претставници на националните парламенти на земјите-членки на ПСЈИЕ , а во улога на модератор беше г. Јани Макрадули, потпретседател на Собранието на Република Македонија.
Денеска националните координатори одржаа подготвителен состанок и Седми состанок на Работната група за Парламентарната димензија на ПСЈИЕ, посветен на процесот на институционализирање и натамошен развој на регионалната меѓупарламентарна соработка и на активностите во рамките на ПСЈЕИ во наредниот период.
Во текот на македонското претседателство предвидени се и повеќе други настани кои ќе бидат финализирани со Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите-членки на Процесот, која ќе се одржи во мај следната година.