Делегации

Среда, 12 септември 2012 година

Дваесет и четврто издание на билтенот на МПК РМ-ЕУ

Најновото издание на Билтенот на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија и Европската унија (МПК – РМ и ЕУ) ги пренесува активностите на Собранието на Република Македонија во периодот на месец јули и август 2012 година. Посебен акцент бележи средбата претседателот на Собранието. г. Трајко Вељаноски, со г. Бан Ки Мун, генерален секретар на Обединетите нации (ОН) и неговото обраќање пред пратениците во Собранието на Република Македонија.

Од македонска страна, беше потенцирана нашата развиена соработка со соседните земји и нашата иницијатива за соработка и со јужниот сосед, што беше оценето како конструктивен чекор од страна на генералниот секретар на ОН. При неговото обраќање пред пратениците, г. Бан Ки Мун ја пофали позитивната улога на Република Македонија од нејзиното осамостојување до денес, вклучително и за време на косовската криза, достигнувања кои се нашироко признати од меѓународната заедница. Во однос на спорот со името, г. Бан Ки Мун ги повика двете страни да покажат конструктивен пристап за решавање на спорот.

Меѓу останатите вести во Билтенот, претставена е посетата на министрите за надворешни работи на Австрија и на Словачка, г. Шпинделегер и г. Лајчак, кои имаа средба со пратеници од Комисијата за европски прашања и Комисијaта за надворешна политика во Собранието на Република Македонија, сакајќи на тој начин да испратат силен сигнал за поддршката на нивните земји за европска интеграција на Република Македонија и нагласувајќи дека прашањето за името не треба да биде пречка што ќе ја блокира интеграцијата на Република Македонија во Европската унија.

Во месец јули, во Собранието на Република Македонија заврши еден многу значаен проект, финансиран во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА) на Европската унија и со средства од национално кофинансирање, насловен „Техничка помош за Парламентот“. Основна цел на проектот беше зајакнување на институтционалните капацитети на Собранието и зголемување на неговата транспарентност кон граѓаните, а иститот беше официјално затворен од страна на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, амбасадорот на ЕУ во РМ, г. Аиво Орав и вицепремиерот задолжен за европски прашања во Владата на РМ, г-ѓа Теута Арифи.  Информациите стекнати во текот на проектот, дадени од страна експертите од Парламентите на Латвија и Унгарија, ќе можат да бидат применети во текот на претпристапниот дијалог на високо (ХЛАД) ниво меѓу Владата на Република Македонија и Европската комисија, каде Собранието ќе има важна улога, како и во самиот процес на преговори за членство во ЕУ.

Пред одржување на состанокот на ХЛАД во месец септември, Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања одржаа тематска седница посветена на реализираните приоритети на Владата од Патоказот во рамките на ХЛАД, на која вицепремиерот за европски прашања, г-ѓа Теута Арифи, ги изложи сите преземени мерки и активности во однос на слободата на изразување и професионалните стандарди, владеењето на правото, реформите во јавната администрација, изборните реформи и зајакнување на пазарната економија.

Последниот број на Билтенот, како и неговите минати изданија, можете да ги прочитате на следнава адреса:
http://www.sobranie.mk/?ItemID=CE34543E8A02C145AEDBFA3FCA5837CE

a за повеќе информации за активностите на МПК, одете на следниов линк:
http://www.sobranie.mk/?ItemID=B052DC5680964D41A79CCA558F2A68E4

Click