Делегации

Вторник, 9 април 2013 година

Дваесет и деветто издание на билтенот на МПК РМ-ЕУ

Во актуелниот број на Билтенот на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија и Европската унија (МПК – РМ и ЕУ), кој ги опфаќа активностите пред почетокот на локалните избори во Република Македонија, централно место зазема средбата на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, со генералниот секретар на Обединетите нации, г. Бан Ки-мун, на која беше искажано задоволство од досегашното ниво на соработка со Обединетите нации и истакнато дека во однос на парламентарната соработка во регионот, парламентарната дипломатија сè повеќе станува значаен инструмент за остварување на соработката, особено воспоставувањето поинтензивната соработка со Република Грција и користењето на парламентарната дипломатија за полесно пристапување кон решавање на спорните прашања.

Не помалку значајни се и зголемениот број на посети на претставници од Европскиот парламент во текот на месец февруари, поточно на Постојаната анкетна комисија за слободите и правата на граѓанинот со Делегација на Поткомитетот за човекови права во Европскиот парламент, предводена од г. Ричард Ховит, на која беше презентирана состојбата во Република Македонија во делот на граѓанските права, работата на судството и законската регулатива која ја покрива оваа материја. Исто така, Делегација од европратеници предводена од г-ѓата Корин Вортман Коол оствари средба во Собранието на Република Македонија, на која беше констатирано дека има напредок во однос на реализираните реформи и дека Република Македонија треба да ја добие поддршката од сите членки на Европската унија. На настанот органзиран од страна на Европскиот парламент на темата: Енергетската политика на ЕУ и нејзиното влијание врз земјите во претпристапен процес, свое учество имаше и Делегација од Собранието на Република Македонија, која ги претстави приоритетите на земјата во оваа област, согласно принципите за соработка со Европската унија во енергетскиот сектор и начелата на пазарната економија.

Во делот на јавните расправи, одржана е расправа од страна на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија, во соработка со Занаетчиската комора на Република Македонија и Бизнис конфедерацијата на Македонија, на тема: Европска стратегија за економско јакнење на жените (Стратегија 2020), на која беше побарано донесување на закони и мерки кои ќе бидат во насока на економско јакнење на жените, НВО-секторот, бизнис секторот и експертите, да ги промовираат и применат заложбите од Стратегијата и истите да ги опфатат сите жени, без разлика на етничкото и верското потекло, како и местото на живеење, урбаните или руралните средини.

Последниот број на Билтенот, како и неговите минати изданија, можете да ги прочитате на следнава адреса:
http://www.sobranie.mk/?ItemID=CE34543E8A02C145AEDBFA3FCA5837CE

a за повеќе информации за активностите на МПК, одете на следниов линк:
http://www.sobranie.mk/?ItemID=B052DC5680964D41A79CCA558F2A68E4

Click