Делегации

Среда, 26 ноември 2014 година, Стразбур

Дванаесетти состанок на Мешовитиот парламентарен комитет

На 12. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет - Република Македонија и Европска унија (МПК - РМ и ЕУ), кој се одржува во Европскиот парламент во Стразбур, учествува делегација на Собранието на Република Македонија предводена од г. Кенан Хасипи,  претседател на Делегацијата  и копретседавач; г. Артан Груби, потпретседател на Делегацијата и заменик копретседавач; потоа г. Антонијо Милошоски, г-ѓа Силвана Бонева и г. Владимир Ѓорчев, членови на  Делегацијата; како и г. Беким Фазлиу, заменик-член. 

На состанокот, кој за прв пат се одржува по предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија и по изборите во Европскиот парламент, денеска беа разменети мислења за односите меѓу Република Македонија и Европската унија со г. Фатмир Бесими, потпретседател на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, со г. Жан Ерик Паке, генерален директор на Директоратот за проширување на Европската комисија и со г. Едуард Ајуер, шеф на Одделот за Западен Балкан во ЕЕАС од Советот на Европската унија. 

Господин Петерле изрази задоволство од одржувањето на состанкот во нов мандат по изборите во Република Македонија и во институтциите на Европската унија и нагласи дека Европскиот парламент бил и останува пријател на проширувањето на земјите аспиранти, вклучително и на Република Македонија. Тој искажа жалење што Советот не зазема став по препораката на Европската комисија и на Европскиот парламент за отпочнување на преговори и истовремено изрази надеж дека во духот на добрососедските односи, ќе бидат решени отворените прашања со соседите. Господин Петерле истакна дека очекува целосен состав на парламентот со учество на опозицијата во неговите активности. 

Господин Хасипи, исто така, изрази задоволство за јасниот сигнал на Европскиот парламент за поддршка на европските аспирации на Македонија, со назначувањето на пратеник да го води МПК од европска страна, кој е добар познавач на регионот и на земјата. Тој искажа уверување дека духот на консензус во работењето на МПК и во донесувањето на препораки кои се доставуваат до европските и македонските институтции, ќе продолжи и во овој состав.  

Од Владата на Република Македонија свое излагање имаше г. Фатмир Бесими, потпретседател на Владата задолжен за евроинтеграции, кој истакна дека Република Македонија и Европската унија имаат однос заснован на партнерство и меѓусебна доверба, а потврда за тоа е назначувањето на комесарот за добрососедство и преговори за проширување. 

Фактот што Македонија ја доби шестата препорака за почеток на преговорите, е многу важен за продолжување на процесите на реформи и ја наметнува обврската да даваме резултати, рече г. Бесими. 

Исто така, тој ја поздрави подготвеноста на Европската комисија да продолжи со Пристапниот дијалог на високо ниво, со заедничко утврдување на приоритетите со Владата на Република Македонија. 

„Досегашните постигнати резултати на македонските институции ми даваат за право да кажам дека Република Македонија и нејзините институции се подготвени да ги започнат преговорите за членство и/или да имаат технички консултации за сите поглавја со законодавството на ЕУ со релевантните генерални директорати. Со оглед на мултиетничкиот карактер на нашето општество, перспективата за членство во ЕУ е движечка сила која ги обединува сите граѓани и придонесува за економски развој на земјата“, нагласи г. Бесими.   

Господин Ајуер ги претстави приоритетите на новото раководство, меѓу кои процесот на проширување ќе продолжи и ќе остане високо на агендата, со највисоко ниво на внимание од страна на г-ѓа Могерини, што е важна порака за сите земји од регионот на Западен Балкан. Советот го цени фактот што Република Македонија високо на агендата го има членството во Европската унија, а соработката меѓу Собранието на Република Македонија и Европскиот парламент може значително да придонесе на процесот на проширување на земјата. Првото прашање е од интерес е неучеството на опозицијата во парламентарните активности, за што е потребно да се изнајде решение меѓу владата и опозицијата, а другото прашање се соседските односи, како одлик на регионална стабилност и изнаоѓање решение за отворените билатерални прашања за понатамошен напредок во европската интеграција. Во однос на заклучоците на Советот во декември, тој нагласи дека доколку има напредок за некои од овие прашања, истите ќе имаат рефрлексија на заклучоците на Советот.  

Господин Паке истакна МПК е многу значаен форум за меѓусебен дијалог меѓу двата парламента и ја поздрави можноста да ја обнови пораката дека Комисијата силно ги поддржува аспирациите на земјата и дека во следните пет години ќе работи да ѝ помогне на земјата да ги исполни потребните реформи со несмалено внимание, како и досега, особено во делот на владеење на правото, економските реформи и реформите во јавната администрацијата. Тој истакна дека во следниот период потребно е земјата да посвети внимание на понатамошните реформи за независност на судството и слободата на медиумите. Исто така, истакна дека бојкотот не е решение и дека политичката дебата мора да се одвива во парламентот. Во однос на Претпристапниот дијалог, изрази задоволство од неговиот успех и нагласи дека истиот ќе продолжи во следниот период. Исто така, нагласи дека добрососедските односи се неопходен дел од процесот на интеграција и дека е потребно изнаоѓање решение на билатералните отворени прашања.      

Состанокот продолжува утре со расправата на точките од дневниот ред, за кои свои обраќања ќе имаат: г. Кенан Хасипи, г. Антонијо Милошоски, г. Артан Груби, г-ѓа Силвана Бонева и г. Беким Фазлиу.
Click