Делегации

Четврток, 20 септември 2018 година

Медиумите и добрососедските односи - тема на 15. Состанок на МПК ЕУ-РМ

На продолжението на 15. Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европска Унија се разменија мислења за две актуелни теми: состојбата во медиумите и добрососедските односи и регионална соработка.

Состојбата во медиумите е прашање кое никогаш не смее да се заборави или игнорира, рече пратеничката Жаклина Лазаревска. Таа говореше за изминатиот период кога беа затворани медиуми и  за финансирањето од страна на Владата преку реклами. Во Извештајот на „Репортери без граници“ за 2017 е посочено извесно подобрување, но не доволно, МРТВ сè уште му служи на ВМРО. Состојбата сега почнува да се менува. „Фридом хаус“ забележува за прв пат подобрување по 2010 година. Она што е неопходно е нова легислатива, која, посочи Лазаревска,  се кочи од опозицијата.

Ејуп Аљими рече дека двата договори, со Бугарија и Грција, покажуваат храброст и лидерство. Со тоа е упатена порака дека добрососедските односи се значајни за евроатлантските процеси и треба отворените прашања да се решаваат со дијалог и договор.

Потпретседателот на Европскиот парламент, Димитриос Пападимулис, потсети дека со години траеше проблемот со името и Договорот од Преспа внесе нова динамика во односите. Им честиташе на двајцата премиери и министри за надворешни работи за нивната храброст и верба во заедничка европска иднина. Ги повика пратениците од сите политички партии да ги надминат разликите во интерес на иднината. Патриотизмот, рече, не значи национализам. Македонија и Грција можат да бидат позитивен модел за помирување и соработка на Балканот. 

На крајот од состанокот, Мешовитиот парламентарен комитет, согласно член 3 од Деловникот за работа, упати препораки до институциите на Република Македонија и на Европската Унија. 

Click