Делегации

Вторник, 21 јули 2015 година

Неопходно е реализирање на Договорот за излез од политичката криза

Бирото на Мешовитиот парламентарен комитет - Република Македонија и Европската унија, од страна на Европскиот парламент, во состав: г. Алојз Петерле, копретседавач; г. Сергеј Станишев и г. Ангел Џамбаски, заменик-копретседавачи, оствари средби со  г. Кенан Хасипи, копретседавач на МПК - РМ и ЕУ и г. Артан Груби, заменик-копретседавач, како и со останатите членови на Комитетот.

Во фокусот на првата средба со г. Кенан Хасипи и со г. Артан Груби беше неодамна постигнатиот Договор меѓу четирите најголеми политички партии во Македонија за излез од политичката криза, со посредство на еврокомесарот Јоханес Хан, ЕУ и САД. 

Беше изразена благодарност за особениот интерес и безрезервните заложби на г. Петерле во решавањето на кризата и надеж за реализирање на Договорот, затоа што во интерес на нашата земја е да се врати на демократскиот курс и да остане на евроинтегративниот пат.

Исто така, беше спомнат и проблемот со мигрантите, како потенцијална опасност за Македонија и регионот, што е само плус причина нашата земја да биде дел од безбедносниот чадор на НАТО алијансата. 

Господин Петерле истакна дека Бирото треба да направи добра подготовка за динамичната есен, кога ќе се одржи 13. Состанок на МПК. Претстојните месеци ги оцени како многу важни, не само внатре во земјата, туку и во односите со ЕУ, и во тој контекст, Македонија треба да покаже дека умее да го стави на прво место националниот интерес.

Заменик-копретседавачот Сергеј Станишев изрази жалење што годинава се навршуваат десет години откако Република Македонија доби кандидатски статус за членство во ЕУ. Тој истакна дека е потребна поддршка од Европскиот парламент и да се даде јасен сигнал до Европскиот совет дека работите се менуваат. Како клучни ги оцени стабилноста на државата, спроведувањето на реформите, развојот на економијата и признавање на изборите во април од страна на сите фактори.

На средбата со останатите членови на Комитетот, исто така, беа споделени видувањата за актуелната политичка состојба, примената на Договорот, кој е особено важен за Македонија, како и идните активности на МПК РМ-ЕУ.

Тие посочија дека интеграцијата на земјата во ЕУ и НАТО семејството и понатаму останува приоритет за нас, а спроведувањето на политичкиот Договор и реформите, ќе влијаат на тој пат.

Копретседавачот Петерле изрази задоволство од напредокот лидерите на политичките партии и комесарот Хан да постигнат Договор кој е многу битен за имиџот на Македонија, но и во глобални рамки.

Освен за политичката состојба, беше разгледано и прашањето за економијата и поздравен растот на БДП, кој во минатата година беше 3,8%, што е втор најдобар резултат за раст на БДП во ЕУ, а во првото тримесечје од 2015 година тој раст изнесува 3,2%.

Присутните се согласија дека потпишувањето на Договорот е голем чекор за Македонија, но и дека претстои интензивен период кој бара многу труд и волја за надминување на политичката криза.

Click