Делегации

Петок, 31 јануари 2020

СРЕДБА НА ПРАТЕНИЧКАТА СОЊА МИРАКОВСКА СО ЕВРОПРАТЕНИКОТ АНДРЕАС ШИДЕР

Претседателката на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација (Мешовит парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ), Соња Мираковска, денеска оствари средба со нејзиниот колега од европска страна, европратеникот Андреас Шидер.

На средбата беа разменети мислења околу актуелната политичка ситуација во Република Северна Македонија, донесувањето на потребното законодавство пред распуштањето на Собранието, особено на законот за јавно обвинителство, како и за очекувањата за добивање датум за почеток на преговори на Република Северна Македонија за членство во ЕУ.

Копретседавачот Шидер истакна дека е од исклучителна важност Собранието да го го усвои пакетот на закони, чие донесување е временски значајно за европските и еврооатлантските институции, а особено во светло пред состанокот на Европскиот совет во март годинава. Во однос на добивањето на датум за преговори, Шидер ја информираше Мираковска дека следната среда треба да се објави новата методологија за преговори од страна на Европската комисија, по што следи нејзино одобрување од страна на земјите членки. Во тој контекст, може да се каже дека постои оптимизам во однос на можното добивање датум за преговори оваа пролет. 

Мираковска подетално го информираше нејзиниот колега за процесот пред донесувањето на законот за јавно обвинителство, решавање на статусот на специјалното јавно обвинителство и изрази надеж дека законот ќе биде донесен со поддршка од страна на сите поголеми политички партии застапени во Собранието.

Двајцата соговорници беа согласни дека соработката меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Европскиот парламент ќе продолжи со истата динамика како и досега и дека Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ може да служи како мост на поврзување на двата парламенти на повеќе основи во иднина. 

Click