Делегации

Среда, 20 мај 2015 година

ЦЕИ - мост на макрорегионите и различните стратегии  

Денеска во Собранието на Република Македонија се одржува Седница на Парламентарниот комитет на Парламентарната димензија на Централноевропската иницијатива (ПД ЦЕИ), на тема „Релевантноста на макрорегионалните стратегии на ЕУ како можност за прекугранична соработка меѓу земјите-членки на ЦЕИ: Улогата на Парламентите". 

Седницата, како домаќин, ја отвори шефот на Македонската делегација во ПД ЦЕИ, г. Александар Николоски, кој во име на пратениците на Собранието на Република Македонија им посака топло добредојде на Делегациите од Парламентите на Австрија, Италија, Полска, Чешка, Унгарија, Србија и Украина.

Следеа воведни обраќања на: г. Трајко Вељаноски, претседател на Собранието на Република Македонија; г. Владимир Пешевски, потпретседател на Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања и г. Ерик Церновиц, заменик-генерален секретар на ЦЕИ. 

Свои обраќања имаа и: г-ѓа Драгана Кипријановска, заменик-министер за надворешни работи на Република Македонија и г. Антонијо Милошоски, потпретседател на Собранието на Република Македонија и претседател на Комисијата за надворешни работи на Собранието на Република Македонија.

Потпретседателот Милошоски, меѓу другото, посочи дека Република Македонија ги исполнува критериумите и треба што поскоро да се приклучи кон Јонско-јадранската стратегија, со што ќе го даде својот придонес и ќе стане конструктивен партнер во регионот. Исто така, тој потенцираше дека ЦЕИ ќе го постигне максимумот кога нејзините членки, меѓу кои и Македонија, ќе станат дел од Европската унија. 

Дел од седницата, беа и дебатите меѓу учесниците, конструктивни дискусии со цел зајакнување на односите меѓу земјите-членки на ЦЕИ, како мост на макрорегионите и различните стратегии. 

Инаку, ЦЕИ е најстара регионална организација, формирана во 1989 година, во која членуваат 18 земји. За Република Македонија, која е полноправна членка од 1993 година и фигурира под уставното име, ова е второ претседателство во период од 13 години.

На крајот од седницата, беше усвоена Финална декларација

Click