Делегации

Среда, 20 мај 2015 година

Обраќање на потпретседателот на Владата, г. Пешевски на отворањето на Парламентарниот комитет на ПД на ЦЕИ

Почитуван Претседател на Собранието на Република Македонија, г-дин Трајко Вељаноски,
Почитуван Заменик генерален секретар на Централноевропската иницијатива г-дин  Ерик Черновиц,
Почитуван претседателе на Парламентарната димензија на Централноевропската иницијатива г – дин Александар Николоски,
Почитувани пратеници од земјите членки на Централноевропската иницијатива, 
Дами и господа,

Ми претставува чест и задоволство во име на Владата на Република Македонија да Ви посакам топло добредојде и сигурен сум дека Македонија ќе се покаже како добар домаќин и организатор на седницата на Парламентарниот Комитет на Централноевропската иницијатива. Во оваа прилика и покрај тешката политичка ситуација во земјата, би сакал да ја изразам подготвеноста на Владата на Република Македонија да ја поддржи оваа иницијатива и Ве поттикнувам да продолжите со конструктивни дискусии, со цел зајакнување на севкупната соработка помеѓу парламентите на земјите членки на ЦЕИ. 

Почитувани, 

Владата на Република Македонија силно се залага за унапредување на меѓународната соработка особено во делот на детектирање и решавање на заедничките проблеми, интензивирање на соработката меѓу државите и регионите, продлабочување на заедничките економски, социјални, културни и еколошки процеси и можноста во иднина да се подигне степенот на функционалност на институциите. Со тоа недвосмислено покажуваме дека сме посветени кон членството во остварување на целите на Европската Унија.

Макрорегионалните стратегии во денешните услови на економска криза потполно го оправдуваат своето постоење. Република Македонија уште од самото осамостојување на земјата, од 1993 година, е членка на Централноевропската иницијатива, а од особена важност за нашата земја е што во рамките на иницијативата Република Македонија фигурира со уставното име, факт кој покажува дека членството на земјата е од особено значење за самата организација.  

Овој форум кој датира од 1989 година, а во кој членуваат 18 земји од кои 10 се членки на Европската унија покажува дека долговечноста и успехот се резултат на флексибилната меѓунационална соработка, напорна работа и посветеност кон заедничкиот интерес.

Особено интересно за мене, е што форумот на еден многу либерален начин ги поттикнува земјите на соработка на три нивоа: меѓувладино, меѓупарламентарно и бизнис ниво и покажува дека интересот на зедницата е всушност сублимиран интерес на сите земји членки.

Дами и господа, 

Кога Република Македонија го презема претседавањето на Централноевропската иницијатива во 2015 година, како главен политички приоритет го дефиниравме интегрирањето на сите земји од Западен Балкан во Европската унија. Четирите економски приоритети кои ги истакнавме и сметаме дека се круцијални се изградбата и развојот на инфраструктурата, развој на туризмот, земјоделието и културата. 
Република Македонија покажува извонредни резултати во економијата. Се очекува растот на економијата во 2015 година да биде 3,8 %, а во 2016 - 3,9%, со што ќе биде најбрзо растечка економија во рамките на Европа. Задолженоста на земјата останува ниска, односно за 2015 година изнесува само 29,1 % од БДП, што е далеку од Мастришкиот критериум прифатен во ЕУ.

Владата забрзано и активно работи на подобрување на патната и железничката инфраструктура. Кога станува збор за стратешки патни проекти, со задоволство можам да кажам дека се започнати работите за целосно поврзување на коридор 10 преку Република Македонија, а веќе започнавме и со имплементација на проектите поврзани со коридорот 8, односно соодветно поврзување со Бугарија и Албанија.
Железничките инфраструктурни проекти се од особена важност за нас како земја, но и за земјите од регионот, но и за компаниите кои оперираат на териториите на сите земји од ЦЕИ. Република Македонија се зафати со модернизирање и унапредување на железничката инфраструктура, го обновуваме коридорот 10, работиме на кракот 10Д, а започнавме и со работа на коридорот 8. 

Сите овие инфраструктурни проекти ги работиме со голем ентузијазам, а крајната цел е да се овозможи побрз и поефикасен превоз на луѓе и стока преку територијата на Македонија, односно поефикасен трансфер во регионот.

Растот на македонскиот туризам за 2015 година се очекува да биде околу 10%. Нашите проекции се темелат на интензивна промоција на понудата, развивање на кластерското здружување и соработка со туристичките центри од регионот. 

Во изминатиот период, земјоделието е еден од стратешките економски интереси на земјата. Континуирано, се обидуваме да ги стимулираме и поттикнуваме земјоделците со проекти за поддршка и субвенции. Од 2006 година па до сега Владата на Република Македонија издвои 777 милиони евра, а оваа година ќе го поддржиме земјоделието со дополнителни 150 милиони евра. До крајот на 2016 година, со заокружување на едно десетлетие очекуваме вкупните инвестиции во земјоделието да надминат една милијарда евра.

Следствено, развојот на културата го следи економскиот развој. Во изминативе години отворени се нови театри и музеи, а еден од приоритетите на нашата Влада е да ја сочуваме и промовираме културната разноликост на припадниците на сите етнички заедници кои живеат во Република Македонија.Се разбира, достигнувањето на посочените индикатори во голема мера ќе зависи и од политичката стабилност на земјата, и јас верувам дека состојбата набрзо ќе се нормализира и проекциите ќе бидат остварени.

Почитувани присутни,

Податоците кои претходно ги споменав, не се за самопромоција на Република Македонија. Тие пластично Ви ја илустрираат посветеноста на земјата преку имплементирање на националните економски стратегии да се допринесе во спроведувањето на макро-економските стратегии на Европската унија. Нашата земја е целосно отворена за регионална соработка кога станува збор за учество во регионалните проекти кои произлегуваат од Јадранско – Јонската макрорегионална стратегија. Сите три столба на соработка во ЦЕИ имаат свое значење и улога. Јас лично сметам дека улогата на претставниците во Парламентарната димензија, како лица кои се директно избрани од граѓаните, во бизнис релациите е од особено значење за развој на макро економските стратегии, бидејќи ги отсликуваат вистинските потреби на граѓаните и државите.

Почитувани, 

Ние едноставно мораме да разбереме дека, единствениот пат, кој не води кон успех е заеднички да ја градиме иднината на регионот, со интегриран пристап на сите полиња, а со особен фокус на заедничкото делување во создавање и развој на поволна бизнис клима и изградба на модерна инфраструктура.Посакувам успешна работа на Парламентарниот комитет и се надевам дека оваа соработка ќе доведе до креирање на нови идеи и можности за зајакнување на севкупната соработка на земјите членки на ЦЕИ.

Благодарам.

Click