Делегации

Четврток, 10 декември 2015 година

Обраќање на г. Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи на Република Македонија на Парламентарносто собрание на ПД ЦЕИ

Почитувани колеги,
Дами и господа,

Животот е природно човеково право. Насушната потреба и потрага по подобар живот доведува до преселба на народите која како појава е неразделно сврзана со и датира од настанувањето на човекот. Миграциските движења особено го детерминираат Балканот како точка каде низ историјата се вмрежиле најразлични културни, верски и национални особености. Истите коегзистираат до ден денес и го прават ова подрачје едно од најспецифичните. 

Денес сме соочени со прилив на мигранти кој поблиската историја не го памети. Терористичките напади во Париз, кои гo потресoa целиот свет, со себе донесoa страв и чувство на загрозеност на секој граѓанин кој живее на европското тло, а особено во земјите долж западно-балканската рута низ која освен бегалци и економски мигранти, евидентно е дека минуваат и потенцијални терористички индивидуалци или пак цели групации. И Република Македонија не е исклучок од ваквата ситуација, бидејки како централна точка на Балканот претставува клучна алка во рутата на движење на мигрантите. Токму затоа ги зајакнавме мерките за безбедност на едно повисоко ниво. Би сакал да алармирам од можна злоупотреба на бегалската криза, но и од феноменот на т.н. “странски борци” со кој се соочува цела Европа.  Од УБК

Како што знаеме, најголемиот број мигранти доаѓаат главно од земјите на Блискиот Исток, Арапските држави и Северна Африка. Мигрантите доаѓаат во Република Македонија преку нашата јужна граница со Република Грција, која сепак, за волја на вистината претставува надворешна граница на Европската унија. Податоците кои ги имаме укажуваат на бројка од повеќе од половина милион мигранти кои влегле и транзитирале низ територијата на нашата држава од почетокот на годината. Би го потенцирал податокот дека за еден ден на 11 септември во нашата земја влегоа 10.400 мигранти. За Република Македонија како држава од 2.000.000 жители и ограничени финансиски можности, ова е своевиден притисок и огромен товар. Само за ваша илустрација, Гевгелија, градот кој е влезната точка во Република Македонија е град со околу 15.000 жители, а месечно од Буџетот на Министерството за внатрешни работи издвојуваме околу 1 милион евра за потребите на справување со мигрантската криза во форма на хуманитарна и здравствена помош на мигрантите. 

Исправени пред една ваква ситуација од вонреден карактер, секоја мерка која ја преземаме е во насока на заштита на националната и јавна безбедност и заштита на животот и здравјето на граѓаните на Република Македонија. 

Мигрантска криза, од нејзиниот почеток па до ден денес, ја менаџираме максимално етички и професионално, почитувајќи ги признаените меѓународни норми, но и истовремено потпирајќи се врз моралната одговорност која ја чувствуваме како држава дел од поширокото европско семејство.  

Згрозени од трагичните судбини на мигрантите при транзитирање низ територијата на Република Македонија, особено од бројните изгубени животи на железничките пруги и жртвите на организирани криминални групации и имајќи го во предвид фактот на мултиплицирањето на кривичните пријави за криумчарење мигранти,  Република Македонија пристапи кон законски измени и соодветно регулирање на престојот и транзитирањето на илегалните мигранти. Имено, решението го најдовме во Измените и дополнувањата на Законот за азил на начин што создадовме законска можност за изразување намера за барање на азил. Ова право во последниве 5 месеци, го искористиле повеќе од 285.000  лица. 

Со ова постигнавме две цели: подобар увид на состојбата од страна на полицијата, што значи и зголемување на нивото на безбедноста, како и намалување на ризикот по здравјето и животот на мигрантите. Второто е резултат пред се на овозможувањето на користење на средствата за јавен превоз во државата и на тој начин нивно отстранување од смртоносните железнички пруги. Случаите на несреќа и разбојништво веќе речиси и да ги нема. 

Во моментов се соочуваме и со поголеми проблеми од оние со кои од почетокот на кризата се справуваме. Имено, намалените температури и почетокот на зимата со себе носат и поголеми одговорности од типот на привремено згрижување на мигрантите во прифатни центри и особена грижа за ранливите. Нашата тенденција е да го зголемиме капацитетот за краткотраен, неколкучасовен прифат до 1500 места, каде мигрантите ќе бидат евидентирани, на достоинствен начин ќе се одморат, ќе ја добијат сета неопходна помош, храна, информации и она што им е потребно. Воедно, наша интенција е и Пунктот за помош и поддршка кој е лоциран во близина на границата со Србија да може да биде соодветно опремен и да овозможи неколкучасовен прифат за уште 500 мигранти. Така, планираме нашите вкупни капацитети да ги зголемиме до 2000 места за, напоменувам, краткотрајно засолнување на оние на кои им е потребно. Потенцирам дека овој капацитет, со оглед на големината на нашата територија и на бројноста на населението, е повеќе од доволен.

Во ситуација на веќе воспоставена контрола и увид на теренот и состојбите, би сакал да го потенцирам трендот кој се појави во последниот период. При оперативната анализа на земјата на потекло на мигрантите, забележан е тренд на опаѓање на бројот на мигранти кои доаѓаат од загрозени воени подрачја. Овде пред се мислам на бројот на Сиријци. Најновите информации ни укажуваат дека тој процент е намален на помалку од 50% од вкупниот број мигранти, а на сметка на ваквата ситуација утврден е зголемен број на економски мигранти од Авганистан, Пакистан, Ирак, Иран и Сомалија.  

Во оваа прилика, со оглед на безбедносната опасност со кои се соочуваат сите држави од регионот и пошироко, би го потенцирал и т.н. ограничување на секундарните движења, што како заклучок е донесено со Изјавата на Лидерите .  Сметам дека оваа  мерка многу ќе им помогне на државите за да имаат увид не само во бројката, туку и во профилот на лицата кои што влегуваат на нивна територија, и со тоа значително ќе се намалат шансите за терористички напади. Политиката на пренесување на бегалците без соодветно информирање на соседната земја е неприфатлива. Наведената состојба ја наметнува потребата од креирање на механизам за регистрација на мигрантите и тоа во првата држава на Европскиот континент во која пристигнуваат и понатамошно споделување на истите тие податоци со државите низ кои мигрантите транзитираат. Во спротивно и понатаму ќе се соочиме со транзит и влегување во Европската унија на лица кои се од безбедносен ризик, без при тоа истите да бидат забележени на некоја од нашите граници и со тоа да ги доведеме во опасност нашите граѓани.

Сепак, со оглед на тоа дека приливот на мигранти се повеќе расте илузорно е да се очекува дека 9.000 лица дневно може да се  идентификуваат и профилираат, односно да им се земат биометрички податоци и во недостаток на база на податоци со кои тие би можеле да се споредат, да се интервјуираат со цел да се раздвојат бегалците од економските мигранти и да се утврди постоење на безбедносен ризик.

Нерегулираниот наплив од нашата јужна граница лесно може да доведе до немир и евентуална несакана ескалација на ситуацијата. Последново мора сите заедно да го имаме предвид во претстојниот зимски период и влошени временски услови. Добрата пракса која ја имаме воспоставено преку  функционирањето на Заедничките контакт центри со соседите, со исклучок на Грција треба да биде мотив повеќе за воспоставување на ваква соработка со нашиот јужен сосед. Дозволете ми уште еднаш да потенцирам дека од практични причини, ова за нас претставува императив со тенденција да стане реалност.

Соработката со земјите од регионот, но и со целата меѓународна заедница е најважен момент во справувањето со актуелната кризата од вонредни размери, на којашто крајот сеуште не и се гледа. Какви мерки и да преземе Република Македонија или било која друга земја од западно балканската рута, Европска унија или светот, факт е дека ниту една земја не може самостојно да ја надмине мигрантаската кризата, ниту пак да се носи со различните предизвици кои кризата секојдневно ги наметнува. Тоа значи дека ниту решение на ниво на држава, ниту регионално решение на кризата не се реални опции. Меѓународната соработка и помош, навремената размена на информации, редовна и непречена комуникација, зачестени средби меѓу високите државни органи на засегнатите земји и меѓународните организации со цел донесување заеднички одлуки во сечиј прилог, се клучни за зачувување на националната безбедност на секоја од земјите, како и запазување на хуманиот аспект на ситуацијата во која сите сме затекнати.

По Австрија, по редот на нештата и останатите земји од западно-балканската рута (Словенија, Хрватска, Србија како и Македонија), донесоа одлука да го регулираат влезот на мигранти во своите граници примајќи ги само лицата од воено-загрозени подрачја (Сирија, Авганистан, Ирак), и да го за брани влезот на економски мигранти кои, како што претходно напоменав ја искористуваат кризната состојба и се помасовно доаѓаатдоаѓаат од други средни земји на кои не им е потребна меѓународна заштита. За Република Македонија не постои друг нашин да се справи со енормните мигрантски текови освен да постапува на ист начин како и земјите од регионот и да се држи до профилирање и селективен пристап при пропуштање на мигрантите на своите територии. Оваа пракса овозможува намалување на сеуште големиот број на мигранти, нудење на подобри услови за краткотрајно и привремено сместување на мигрантите влегуваат во земјата, рано препознавање на ранливите категории на мигранти и соодветно постапување со нив, но и на овој начин, со идентификување и профилирање на секој од мигрантите се намалува опасноста од таканаречените странски борци кои претставуваат реална закана за целиот свет, па и за земјите од регионов.

Дозволете ми да завршам со констатација дека миграциската и бегалската криза која ни се случува не е наш личен неуспех, неуспех на неколку земји во регионот или неуспех на Европа. Ова е неуспех за човештвото, затоа што овој наплив на луѓе кои од една или од друга причина се тргнати да го бараат своето подобро утре во некоја друга земја, која не е нивна татковина, самото по себе кажува дека станува збор за глобален неуспех да ги решиме причините за овие миграциски движења.  Бегалците кои бегаат од конфликтните подрачја и мигрантите кои заедно со нив бегаат од сиромаштијата, дискриминацијата и очајот не треба да се третираат како различни, оние кои заслужуваат и оние кои не заслужуваат меѓународна заштита. На крајот на денот, сите тие се луѓе.  

Ви благодарам.

Click