Делегации

Четврток, 10 декември 2015 година

Седница на Парламентарното собрание на Парламентарната димензија на Централноевропската иницијатива

Во рамките на Македонското претседателство со Централноевропската иницијатива (ЦЕИ), денеска во Собранието на Република Македонија се одржа седница на Парламентарното собрание на Парламентарната димензија на Централноевропската иницијатива (ПД ЦЕИ), на тема: „Миграциската криза како глобален проблем и предизвик: колку е реално само регионално решение? (Европа, ЦЕИ и Западен Балкан)" и „Меѓусебна поврзаност во ЕУ, со посебен контекст на регионот на ЦЕИ".

На седницата на Парламентарното собрание ѝ претходеа и состаноци на Генералните комитети за политички, економски и културни прашања во чиј фокус беа миграциите, проширувањето во ЕУ и соработката во макроекономската стратегија, секој од свој аспект.

Седницата, како домаќин, ја отвори шефот на Македонската делегација во ПД ЦЕИ, г-ѓа Јулијана Силјановска, која во име на пратениците на Собранието им посака топло добредојде на Делегациите на останатите дванаесет земји-членки на ЦЕИ. 

Госпоѓа Силјановска изрази задоволство што по успешното претседавање пред тринаесет години, годинава одново ѝ припадна честа на Македонија да претседава со најстарата регионална иницијатива, а присуството на делегациите е показател за интересот на земјите-членки да дискутираат за заеднички теми.

Свои воведни обраќања имаа и г. Трајко Вељаноски, претседател на Собранието на Република Македонија; г. Ерик Церновиц, заменик-генерален секретар на ЦЕИ; г-ѓа Марго Клестил Лофлер, помошник-генерален секретар на ЦЕИ и г. Драганчо Апостоловски, заменик-национален ЦЕИ координатор.

Помошник-генералниот секретар на ЦЕИ, г-ѓа Лофлер, посочи дека и покрај тоа што се наоѓаме во еден исклучителен тежок момент за Европа, соочувајќи се со низа предизвици, овде е со цел да даде поддршка и потврда за посветеноста и работните цели на ЦЕИ. 

Во однос на првата сесија на тема „Миграциската криза како глобален проблем и предизвик: колку е реално само регионално решение? (Европа, ЦЕИ и Западен Балкан)", свои излагања имаа г. Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи на Република Македонија и г-ѓа Ермира Мехмети, претседател на Комисијата за европски прашања во Собранието.

Беше истакнато дека мигрантската криза се покажа досега како невиден предизвик во Европа, ниту една земја не може сама да се справи, туку треба да се изнајде решение на паневропско ниво, а неодамнешните терористички напади укажаа дека сме соочени со транснационална закана и заеднички треба да застанеме против тероризмот.

Во продолжение се одржа втората сесија на тема: „Меѓусебна поврзаност во ЕУ, со посебен контекст на регионот на ЦЕИ“, при што како приоритет беше издвоен континуираниот развој во транспортната инфраструктура.

Се истакна значењето од инвестиции во патниот, железничкиот и авиосообраќајот и потребата од забрзана реформа и изградба на клучните коридори. Целосната функционалност на коридорите ќе овозможи подобра поврзаност на земјите и засилен економски развој.

Присутните изразија задоволство од одбраните теми за седницата, коишто се од исклучителна важност за безбедноста и интеграцијата на регионот и Европа воопшто.

На крајот беше усвоена финалната декларација.

Click