Делегации

Понеделник, 7 декември 2015 година

Седница на Парламентарното собрание на Парламентарната димензија на ЦЕИ

Во рамките на македонското претседавање со Централноевропската иницијатива (ЦЕИ), на 10 декември 2015 година, во Собранието на Република Македонија, ќе се одржи седница на Парламентарното собрание на ПД на ЦЕИ.

Темите кои ќе се дискутираат на состанокот се: „Миграциската криза како глобален проблем и предизвик: колку е реално само регионално решение? (Европа, ЦЕИ и Западен Балкан)" и „Меѓусебна поврзаност во ЕУ, со посебен контекст на регионот на ЦЕИ".

Домаќин на оваа активност е Делегацијата на Собранието на Република Македонија во ПД на ЦЕИ, чиј шеф е пратеникот г-ѓа Јулијана Силјановска. На состанокот ќе учествуваат парламентарни делегации од Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешката Република, Унгарија, Италија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Украина, како и претставници на Секретаријатот на ЦЕИ во Трст, Италија.

Во рамките на програмата за седницата, предвидени се воведни обраќања на г. Трајко Вељаноски, претседател на Собранието на Република Македонија, г. Ерик Церновиц, заменик-генерален секретар на ЦЕИ, г. Драганчо Апостоловски, заменик-национален координатор на ЦЕИ.

По темите предвидени се обраќања на г. Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи на Република Македонија, г-ѓа Ермира Мехмети, претседател на Комисијата за европски прашања во Собранието на Република Македонија, г. Владо Мисајловски, министер за транспорт и врски на Република Македонија и г-ѓа Анка Јоана Јонеску, шеф на резидентната канцеларија на Европската банка за обнова и развој во Република Македонија.

ЦЕИ е најстара регионална организација од регионот на Западен Балкан и поширокото соседство, која вбројува 18 земји-членки од Источна и Централна Европа, вклучувајќи ја и Република Македонија која е членка уште од 1993 година под нејзиното уставно име. Ова е второ претседателство на Република Македонија за период од 13 години, што ја покажува нејзината посветеност во негувањето на добрососедските односи, интересот за учество во регионалните проекти кои носат добробит за сите граѓани од овие простори, како и подготвеноста да биде значаен и рамноправен партнер во севкупните европски и евроатлантски процеси.

Имајќи предвид дека клучната цел на Парламентарната димензија на ЦЕИ е подобрување на соработката меѓу парламентите, се очекува во рамките на Македонското претседателство со ЦЕИ да се даде поттик кон зајакнувањето на севкупната соработка меѓу парламентите на земјите-членки на организацијата.  

Click