Работни тела



ДЕЛОВНИК  

Со цел да ги дефинира процедурите на своите активности, Конференцијата на парламентарните комисии за европски интеграции/ прашања на земјите учеснички во Процесот за стабилизација и асоцијација на Југоисточна Европа (Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Србија и Црна Гора), на првиот состанок на 17 и 18 јуни 2005 година, одржан во Сараево, усвои

ДЕЛОВНИК

НА КОНФЕРЕНЦИЈАТА НА ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ КОМИСИИ

ЗА ЕВРОПСКИ ИНТЕГРАЦИИ/ПРАШАЊА НА ЗЕМЈИТЕ УЧЕСНИЧКИ ВО ПРОЦЕСОТ ЗА СТАБИЛИЗАЦИЈА И АСОЦИЈАЦИЈА НА ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА

1. ЗАДАЧИ И НАДЛЕЖНОСТИ НА КОНФЕРЕНЦИЈАТА

Конференцијата на комисиите за европски интеграции/прашања на парламентите на земјите учеснички во Процесот за стабилизација и асоцијација претставува форум за редовна размена на ставовите кои се однесуваат на Процесот за стабилизација и асоцијација, стратегијата за зачленување во ЕУ на земјите од Процесот, како и процесот на проширување на ЕУ.

Размената на ставовите во рамките на работата на Конференцијата на ниеден начин нема да ги укине, ниту да ги присвои надлежностите на националните парламентарни комисии и парламентите на земјите членки на Конференцијата.

Активностите и ставовите на Конференцијата на ниеден начин не ги обврзуваат националните парламенти, освен кога експлицитно се прифатени.

Комисиите за европски интеграции/прашања редовно ќе ги известуваат своите парламенти за активностите и ставовите на Конференцијата и ќе бараат нивна поддршка.

2. РАСПОРЕД И ДАТУМИ НА СОСТАНОЦИТЕ

а) Редовни состаноци

Редовен состанок на Конференцијата се одржува секои 6 (шест) месеца, водејќи сметка за различните парламентарни пракси, изборниот календар, како и државните празници на земјите членки.

При одредувањето на распоредот на редовните состаноци, посебно ќе се земаат предвид датумите на состаноците на КОСАК.

Датумот на следниот состанок се утврдува и се објавува најдоцна до датата на претходниот состанок.

б) Вонредни состаноци

Вонредни состаноци на Конференцијата се одржуваат со образложен предлог на мнозинството претседатели на комисиите за европски интеграции / прашања.

Иницијативата за вонреден состанок се поднесува во писмена форма до сите земји членки, кои можат да n се придружат.

Кога инцијативата е поддржана или почетно е поднесена од доволен број на претседатели на комисиите, вонреден состанок на Конференцијата се свикува во рок од 15 (петнаесет) дена.

в) Вонредни состаноци на претседателите на комисиите

Вонредни состаноци на претседателите на комисиите за европски интеграции/прашања се одржуваат, доколку тоа го предложат мнозинството претседатели на комисиите.

г) Претседавање

Со Конференцијата претседава претседателот на Комисијата за европски интеграции/прашања на земјата членка која претседава.

Земјите членки на Конференцијата ќе претседаваат со Конференцијата по абецеден ред.

За координација на активностите на Конференцијата ќе постои координативен одбор, кој ќе се состои од претседателите на комисиите за интеграции/прашања на претходната, сегашната и идната земја претседавач.

д) Работни групи

Конференцијата може да одлучи да воспостави работна група за проучување на определено прашање поврзано со задачите и надлежностите на Конференцијата.

Претседателот на комисијата за европски интеграции/прашања на парламентот на земјата членка која е претседавач на Конференцијата ќе биде претседавач и на работната група, освен ако Конференцијата поинаку не се договори.

3. МЕСТО НА СОСТАНОЦИ


Редовните состаноци на Конференцијата се одржуваат во земјата членка која претседава со Конференцијата.

Вонредни состаноци на Конференцијата, вонредни состаноци на претседателите на комисиите и состаноците на работните групи, можат да се одржуваат и на други места.

4. СОСТАВ

На Конференцијата секој национален парламент на земјите членки на Конференцијата, го претставува делегација составена од најмногу шест члена на комисијата за европски интеграции/прашања, во зависност од тоа како е решено во секој национален парламент.

Во работата на Конференцијата како набљудувачи можат да учествуваат и лица кои не се членови на комисиите, и тоа како стручњаци или специјални гости (на пример, претставници на КОСАК, Европскиот парламент, Европската комисија, претставници на амбасадите на земјите членки на Конференцијата и на Европската унија, итн.).

5. ПРИСТАП ДО СОСТАНОЦИТЕ

Состаноците на Конференцијата се јавни, освен ако поинаку не се одлучи.

Одлука за јавност на работата се донесува пред преминувањето на расправа по утврдениот дневен ред.

6. СВИКУВАЊЕ НА СОСТАНОК

Административно-техничките работи кои се во врска со редовните состаноци на Конференцијата ги извршува секретаријатот на парламентот на земјата членка која претседава.

Вонредните состаноци на Конференцијата и состаноците на работните групи ги организира секретаријатот на парламентот на земјата членка во која се одржува состанокот. Поканата за состанок ја потпишува претседателот на комисијата од земјата која претседава.

7. НАЗИВ НА СОСТАНОЦИТЕ

Називот на редовните и вонредните состаноци е "Конференција на парламентарните комисии за европски интеграции/прашања на земјите учеснички во Процесот на стабилизација и асоцијација на Југоисточна Европа"-Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска , Македонија, Србија и Црна Гора", со претходно напишан реден број на состанокот, а после називот стои датумот и местото на состанокот.

8. ДНЕВЕН РЕД


Пред последниот редовен состанок, секоја година делегациите ќе предложат теми за следната година. Ова прашање се разгледува на крајот на тековниот состанок.

Главната тема на секој предлог на дневен ред се утврдува согласно со улогата на Конференцијата како тело за размена на информации, посебно во врска со Процесот за стабилизација и асоцијација, стратегијата за зачленувањевоЕвропската унија на земјите во Процесот, како и процесот на проширување на Европската Унија.

Нацртот на дневниот ред го подготвува претседателот на Комисијата за европски прашања/интеграции на парламентот на земјата домаќин, по консултациите со претседателите на комисиите од другите земји. На самиот состанок се одлучува за конечниот дневен ред.

9. ПОДГОТОВКА НА СОСТАНОЦИТЕ


Секретаријатот на парламентот кој е домаќин ги подготвува состаноците и ги обезбедува сите неопходни услови за одржување на состаноците во рамките на донесените одлуки и одобрените средства.

10. ЈАЗИЦИ

Документите за Конференцијата се подготвуваат на англиски јазик и на службениот јазик/јазици на земјата претседавач. Секој парламент е одговорен за преведување на својот јазик.

Секоја делегација е одговорна за преведување на кој било документ на јазиците кои се во службена употреба.

На состаноците е обезбедено симултано преведување на службените јазици на земјите учеснички. Кога е потребно, се обезбедува и симултано толкување на англиски јазик.

Резултатите на Конференцијата во форма на ставови, мислења и слично, се составуваат во оригинал на англиски јазик и на јазиците на земјите учеснички. Секој од тие текстови подеднакво е автентичен.

11. РЕЗУЛТАТИ ОД РАБОТАТА НА КОНФЕРЕНЦИЈАТА


Конференцијата може да ги упати своите документи до националните парламенти на земјите членки на Конференцијата, Европскиот парламент, КОСАК, и до институциите на Европската унија и други тела, како што ќе одлучи.

Делегацијата на секоја земја-учесник може да предложи Конференцијата да усвои одреден документ како свој придонес.

Делегацијата на секоја земја-учесник може да испрати документи во врска со темите на дневниот ред до секретаријатот на парламентот кој е домаќин.

Делегацијата на секоја земја-учесник која претседава може да состави предлог на документи за дискусија на Конференцијата.

Предлогот на документите се упатува до делегациите доволно време пред релевантниот состанок на Конференцијата, со што би им се дал разумен период за испитување и забелешки.

Конечниот предлог на документите го подготвува земјата-учесник која претседава. Предлогот на документите вклучува забелешки и согледувања на сите делегации, вклучувајќи и можни изјави/декларации во врска со гласањето.

Конференцијата настојува да ги усвојува документите со широк консензус.

12. УЛОГА НА ПРЕТСЕДАТЕЛСТВОТО

За секоја конференција се бира работно претседателство од три члена.

Со Конференцијата претседава претседателот на комисијата за европски интеграции/прашања на земјата членка, која претседава со Конференцијата.

Претседавачот на Конференцијата го предлага временскиот распоред на состанокот и должината на траење на говорот (до 4 минути), освен ако на состанокот поинаку не се определи.

13. ЗАПИСНИЦИ

Врз основа на тонските снимки кои задолжително се составуваат, за состаноците се изработува краток пишан записник.

Записникот го изработува секретаријатот на парламентот домаќин.

Претседавачот со Конференцијата ги претставува заклучоците на дебатата.

Секретаријатите на националните парламенти на земјите-членки му обезбедуваат помош на секретаријатот на парламентот домаќин.

14. ЗАКЛУЧОЦИ ОД ДЕБАТАТА

Ако на состанокот се одлучи да се издаде соопштение, работното претседателство составува нацрт на кој се приложуваат усвоените документи.

15. ПРИМАТЕЛИ НА СООПШТЕНИЈАТА


Секретаријатот на парламентот кој е домаќин ќе осигури соопштенијата да се достават до парламентите на земјите членки на Конференцијата, КОСАК, Европскиот парламент и до други органи и тела, според донесената одлука на Конференцијата.

16. ИЗМЕНИ НА ДЕЛОВНИКОТ

Предлог за измена на овој деловник мора да испрати во пишана форма една или неколку делегации од еден или неколку парламенти до сите парламентарни комисии за европски интеграции/прашања на земјите членки, најмалку 30 дена пред наредниот состанок на Конференцијата.

Предлозите за измена на Деловникот треба да се стават на дневен ред на првиот состанок на Конференцијата, по поднесувањето на предлогот.

Потребно е делегациите на земјите членки едногласно да го усвојат предлогот.

Секоја делегација има еден глас.

17. ВЛЕГУВАЊЕ ВО СИЛА


Овој деловник влегува во сила со усвојувањето. Се подготвува во еден оригинал на англиски јазик.

Текстот на овој деловник ќе се состави заради верификација на албански, босански, хрватски, македонски и српски јазик.

Во случај на какво било прашање кое се однесува на овој деловник, само верзијата на англиски јазик има официјален статус.

Click