Работни тела



КОСАК

КОСАК (COSAC) е кратенка за Конференцијата на комисиите за европски прашања на националните парламенти на државите членки на Европската Унија и претставува важна рамка за соработка на националните парламенти во однос на ЕУ прашањата. Со стекнувањето на кандидатски статус на Република Македонија за членство во ЕУ, Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија има право да учествува во работата на КОСАК, како набљудувач, заедно со другите земји-кандидати, Романија, Бугарија, Турција и Хрватска.

Конференцијата на комисиите за европски прашања на парламентите на државите членки на Европската унија -КОСАК-(кратенка од францускиот назив Conference des Organes Specialises dans les Affaires Communaitaires) е основана на 16 ноември1989 година во Париз, на Конференцијата на претседателите на парламентите на земјите членки на Европската Унија.

На седниците на КОСАК, кои се во функција на јакнење на улогата на комисиите надлежни за европски прашања на националните парламенти, покрај членовите на комисиите за европски прашања на националните парламенти на земјите членки на ЕУ, присуствуваат и претставници на Европскиот парламент.

Комисијата на земјата која претседава со Министерскиот совет на ЕУ претседава и со КОСАК за време на нејзиното претседавање со Унијата.

Според одредбите на Деловникот на КОСАК, редовните конференции на КОСАК се одржуваат еднаш за време на секое претседавање со ЕУ во државата која е претседавач со ЕУ. Во пресрет на Конференцијата на КОСАК се одржуваат подготвителни состаноци на претседателите на комисиите за европски прашања (Chairpersons meeting) и Тројката на КОСАК (Presedential Troika Meeting). На конференциите на КОСАК учествуваат најмногу шест пратеници од националните парламенти и најмногу до шест пратеници од Европскиот парламент.

Согласно со Деловникот на КОСАК на седниците можат да присуствуваат пратеници од националните парламенти на државите кандидати како набљудувачи. Претседателствата можат, по консултација со Тројката, да упатат покани до националните парламенти на државите кои не се членки на Европската унија или до надворешни институции тие да учествуваат на состаноците на КОСАК, како специјални гости, доколку на дневниот ред има точка од интерес за нив.

Протоколот за улогата на националните парламенти во ЕУ, додаден на Договорот од Амстердам од 1997 година, му дава можност на КОСАК да дава мислења и други придонеси на институциите на Европската унија во врска со законодавни активности, предлози и иницијативи на Унијата.

Придонесите кои ги дава КОСАК не се обврзувачки за националните парламенти да постапат по нив.

Click