Работни тела



ПРЕДЛОГ- ЗАЕДНИЧКА ИЗЈАВА

усвоена на III Конференција на парламентарните комисии за европски интеграции/прашања на земјите учеснички во Процесот за стабилизација и асоцијација на Југоисточна Европа


Скопје, 13-14 декември 2006 година

Третата Конференција на парламентарните комисии за европски интеграции/прашања на земјите учеснички во Процесот за стабилизација и асоцијација на Југоисточна Европа (COSAP), се одржа во организација на Комисијата за европски прашања во Скопје, а на која поздравно обраќање имаше претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Љубиша Георгиевски.

На Конференцијата учествуваа повеќе специјални гости, како што се претставници на парламентите на Бугарија, Финска и Словенија Европската комисија, Пактот за стабилност на Југоисточна Европа, Владата на Република Македонија, Собранието на Косово, 1 како и на Европското движење на Република Македонија.

Во функција на редовна размена на ставовите по однос на прашањата кои се однесуваат на Процесот на стабилизација и асоцијација (ПСА), учесниците на III-та Конференција на КОСАП во Скопје:

- Изразија целосна согласност и поддршка на оцените содржани во Стратешкиот документ на Европската комисија за проширувањето на ЕУ, во кои се истакнува дека за европската интеграција од суштинска важност е да се надмине поделбата и да се придонесе за мирно обединување на континентот, што е и најдобар начин за изнаоѓање на одговор на главните предизвици поврзани со консолидацијата на демократијата, човековите права и одржливиот развој на Европа;

- го поздравија јасниот и охрабрувачки сигнал од страна на Европската унија за продолжување на процесот за проширување со земјите од Југоисточна Европа во наредниот период, имајќи го во предвид значењето на овој процес за безбедноста и стабилноста на овој регион и на Европа во целина;

- оценија дека натамошните проширувања треба да се реализираат врз основа на утврдените критериуми, а секоја земја да биде индивидуално вреднувана според остварените резултати.

- ги поздравија преземените напори за надминување на застојот во институционалниот развој на Европската унија, а врз основа на предложените уставни промени се очекува дека ќе биде засилен институционалниот капацитет на Унијата и во однос на проширувањето;

- ја поддржаа определбата политиката на проширување да биде заснована на принципите на консолидирање на заложбите, исполнување на неопходните услови и обезбедување на поддршка од граѓаните на Европската унија, што истовремено ќе придонесе земјите опфатени со Процесот на стабилизација и асоцијација да ги консолидираат сопствените реформи и да се подготват за целосно исполнување на обврските;

- изразија задоволство за претстојното приклучување на Бугарија и Романија кон ЕУ, со што станува реалност земјите од Процесот на стабилизација и асоцијација наскоро да се приклучат кон европското семејство;

- се заложија напредокот во процесот на евроинтегрирањето на сите учеснички во Процесот на стабилизација и асоцијација да продолжи со спроведување на потребните реформи заради постигнување на резултати и имплементирање на мерки кои ќе го зајакнат демократскиот капацитет на институциите во земјите и пазарната функционалност на нивните стопанства;

- го поддржаа воведувањето на новиот инструмент ИПА за финансиска поддршка за исполнување на критериумите за членство во ЕУ, а со кој се интегрираат сите досегашни механизми за финансиска помош на ЕУ и изразија уверување дека тој ќе даде значаен импулс за унапредување, модернизација и реформи согласно со ацљуис на земјите опфатени со Процесот на стабилизација и асоцијација;

- Ја потврдија подготвеноста за поголема ангажираност во процесот на регионална соработка, пред се преку конституирање на Регионален совет за соработка, воспоставување на зона на слободна трговија со проширување и измена на постојната ЦЕФТА спогодба, како и со влегување во сила на Договорот за енергетска заедница, Спогодбата за европска заедничка воздушна област и други форми на конкретна соработка во согласност со заедничкиот интерес;

- поддржувајќи ја транформацијата на регионалните иницијативи и процеси за соработка особено ги истакнаа местото и улогата на парламентарната димензија и ја поддржаа иницијативата за создавање на Секретаријат за регионална парламентарна соработка/средишна точка, која ќе обезбеди натамошен развој на регионалната парламентарна соработка;

- изразија согласност со определбата на Европската унија за започнување на преговори за олеснување на визниот режим, како прв чекор кон целосна либерализација со што се очекува граѓаните на земјите од Процесот на стабилизација и асоцијација во најкраток можен рок да бидат во можност непречено да остваруваат контакти со граѓаните на Европската унија;

- позитивно го оценија австриското и финското претседавање со Европската унија, пред се поради зајакувањето и продлабочувањето на односите помеѓу Европскиот парламент и националните парламенти, дијалогот за иднината на Европа, во што се вклучени земјите кандидати и нивното залагање во овој процес да бидат опфатени и парламентите од регионот;

Земјите учеснички во Процесот на стабилизација и асоцијација изразуваат готовност за континуитет на меѓусебната соработка и се согласуваат IV Конференција на КОСАП да биде одржана во 2007 година во Црна Гора.

--------------------------------------------------------------------------------

1 Во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации

Click