Работни тела



ЗАВРШНА ИЗЈАВА

Усвоена на II Конференција на парламентарните комисии за европска интеграција на земјите учеснички во Процесот за стабилизација и асоцијација на Југоисточна Европа

Загреб, 5 - 6 март 2006

Втората Конференција на парламентарните комисии за европска интеграција на земјите учеснички во Процесот за стабилизација и асоцијација на Југоисточна Европа (COSAP) беше организирана во Загреб, на покана на хрватскиот Парламент чиј претседател Владимир Шекс им се обрати на учесниците. На Конференцијата учествуваа повеќе специјални гости, како пратеници од Европскиот парламент, Домот на лордови на британскиот Парламент, Европската комисија, Пактот за стабилност за Југоисаточна Европа и Собранието на Косово, во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации.

Сите земји учеснички во Процесот за стабилизација и асоцијација постигнаа значителен напредок во односите со Европската унија во периодот од првиот состанок на COSAP, одржан на 16-18 јуни 2005 година во Сараево. Хрватска ги започна преговорите за прием. Македонија доби статус на кандидат. Албанија го парафираше Договорот за стабилизација и асоцијација. Босна и Херцеговина како и Србија и Црна Гора ги започнаа преговорите за Договорот за стабилизација и асоцијација.

COSAP се согласи дека продолжувањето на процесот на проширување на Европската унија претставува историска одговорност за обединување на континентот. И покрај потешкотиите со ратификацијата на Уставниот договор и земајќи го во предвид капацитетот за апсорпција на Еуропската унија, членките на COSAP уште еднаш истакнаа дека јасните и недвосмислени официјални политички одлуки и изјави на институциите на Европската унија за натамошно проширување се неопходни за охрабрување и мотивирање на сите заинтересирани учесници во државите вклучени во Процесот за стабилизација и асоцијација заради натамошен напредок во нивните реформи усмерени кон Европската унија. COSAP оценува дека документот на Европскета комисија за стратегијата за проширување од 2005 година е чекор во вистинска насока и очекува натамошна расправа за одржување на европската перспектива во земјите од Процесот на стабилизација и асоцијација пред состанокот на Европскиот совет во јуни 2006 година.

Во согласност со определбите од Солунскиот самит од 2003 г., учесниците на Конференцијата потсетија дека земјите од Процесот за стабилизација и асоцијација имаат јасна перспектива за членство во Европската унија, што е движечка сила за спроведување на напорните реформски процеси. Таа перспектива не смеат да ја намалат или доведат во прашање ниту земјите членки ниту Европската унија во целина. COSAP ја повтори потребата за адекватна распределба на претпристапната помош за земјите од Процесот на стабилизација и асоцијација во контекст на тековните преговори за Интеринституционалниот договор во врска со финансиската перспектива за 2007-2013 г. Како што беше истакнато на Конференцијата, економскиот и општествениот развој на земјите од Процесот за стабилизација и асоцијација е предуслов за севкупните напори за задоволување на критериумите за пристап во Европската унија. Во тој контекст беше истакнато дека неодамнешните предлози за финансиската перспектива на Европската унија за 2007-2013 г. не ги задоволуваат потребите на земјите од Процесот за стабилизација и асоцијација во поглед на потребите за развој и усогласување.

Интензивирањето на соработката меѓу COSAC и COSAP, како што беше заклучено, е важен аспект на зајакнувањето на улогата на националните парламенти, особено на нивните комисии за европска интеграција во рамките на севкупните активности насочени кон интеграција на земјите од Југоисточна Европа во Европската унија. COSAP повика на воспоставување редовен дијалог и состаноци со COSAC, вклучувајќи разгледување на прашања за иднината на Европа и развој на заедничка стратегија за пренесувањето на политиката за проширување до граѓаните.

Соработката на националните парламенти на земјите од Процесот за стабилизација и асоцијација со Европскиот парламент преку активностите на мешовитите парламентарни комитети беше оценета како многу вреден дел од билатералните односи на земјите опфатени во Процесот за стабилизација и асоцијација со Европската унија. Учесниците на Конференцијата расправаа за политичката и економската ситуација во земјите од Процесот на стабилизација и асоцијација како и за генералното темпо на реформи насочени кон Еуропската унија.

Учесниците дадоа позитивни коментари за соопштението на Европската комисија за "Западниот Балкан на патот до Европската унија", особено во поглед на ублажувањето на визниот режим за граѓаните на земјите од Процесот за стабилизација и асоцијација. Учесниците ги повикуваат земјите членки на Европската унија да ги исполнат своите определби за пофлексибилен визен режим во поглед на три елемента: либерализација, трошоци и достоинствени визни процедури. COSAP ги повика сите релевантни влади на земјите од Процесот на стабилизација и асоцијација да ги интензивираат своите напори и да ги преземат сите потребни мерки за да ги задоволат условите за квалификација на "белата Шенген листа".

COSAP ја поддржа идејата за натамошно јакнење на трговската либерализација во регионот врз основа на спогодби склучени во рамките на Пактот за стабилност, што вклучува проширување и измена на постојната CEFTA спогодба, како и брзо вклучување на сите учесници во пан-евро-медитеранските дијагонални кумулации на потекло. COSAP уште еднаш ја потврди својата приврзаност кон натамошно јакнење на регионалната соработка.

Click