2010

Четврток, 13 мај 2010 година

Естонија ги исполни условите за воведување на заедничката европска валута

Европската комисија на 12 мај 2010 година објави дека ќе препорача на владите на земјите-членки на Европската унија, Естонија да се вклучи во еврозоната следната година во јануари, со што ќе биде 17-та земја-членка која ќе го воведе еврото.

Шест години по приклучувањето во ЕУ, Естонија ги исполни условите за воведување на еврото.

Соопштението беше придружено со новиот извештај според кој осум други земји-членки на ЕУ: Бугарија, Република Чешка, Латвија, Литванија, Унгарија, Полска, Романија и Шведска сè уште не ги исполнуваат условите за членство во еврозоната. Велика Британија и Данска избраа да не се приклучат во еврозоната.

Државите кандидати за воведување на еврото мора да покажат добра состојба на националните јавни финансии, како и стабилност на цените и на девизниот курс. Каматните стапки на кредитите треба да бидат со ниско ниво, а националното законодавство од областа на монетарните прашања мора да биде во согласност со правото на ЕУ.  

Еврото на светските финансиски пазари беше воведено во 1999 година, додека банкнотите и монетите во прометот влегоа три години подоцна.

Click