2010

Петок, 12 март 2010 година

Европската недела на е-вештини 2010

Почетокот на овој месец, од 1 до 5 март, беше обележан со настанот Европска недела на е-вештини 2010, кој се фокусираше на поголемата потреба од обучени корисници на информатичката и комуникациската технологија (ИКТ), како и професионалци од оваа област, со цел поконкурентна и поиновативна Европа .

Кампањата е во насока да се информират студентите, малите и средни претпријатија за големите можности за вработување во ИКТ секторот. Исто така и да се направи преглед за успешноста на Стратегијата на ЕУ за е-вештини, усвоена од Европската комисија во септември 2007 година, а во поглед на дигиталната писменост и зајакнување на е-вештините на граѓаните на ЕУ, како и да се разменат искуствата.

Европската недела на е-вештини е резултат на координираните заложби на Европската комисија, владите, индустријата и образовните установи да се информира европското население за клучната улога која ја имаат ИКТ вештините во обезбедување на економска конкурентност на Европа.

Официјалното отворање на Европската недела на е-вештини се одржа на 2 март во Хановер, Германија, во рамките на светскиот дигитален саем каде се одржаа бројни настани, активности, конференции, веб-семинари и работилници. Во рамките на Европската недела на е-вештини беа вклучени околу 300.000 учесници со повеќе од 100 активности. Настаните беа организирани низ цела Европа во повеќе од 20 земји.

Во заедничката изјава на Антонио Тајани, комесар за индустрија и претприемништво, Нели Кроес, комесар за дигитализација и Андрула Василиу, комесар за образование, култура, повеќејазичност и млади, беше потенцирано дека мора да се инвестира во е-вештини на граѓаните на ЕУ, користењето на компјутерите и интернетот со оглед на сè поголемата дигитализација на економијата. Дигиталната и медиумската писменост претставуваат клучни компоненти на дигиталната инклузија.


Click