2010

Сабота, 17 април 2010 година

Кампања за подигнување на свеста за биодиверзитет

На почетокот на април, Европската комисија објави евробарометар испитување кое покажува дека многу Европејци не разбираат што значи поимот биодиверзитет. Според евробарометар испитувањето, околу 38% од граѓаните го разбираат значењето на терминот биодиверзитет, додека 28% слушнале за терминот, но не знаат што точно значи. Повеќето од граѓаните сметаат дека загубата на биодиверзитетот е сериозно прашање.

Комисијата започна посебна кампања со цел да ја информира јавноста за биодиверзитетот во ЕУ. Кампањата насловена „Биодиверзитет - сите заедно“ ќе се спроведува во Европската унија со цел подигање на јавната свест преку посебна веб-страница, видео клипови, односи со јавноста, медиумски и уметнички настани.

Примарна цел на кампањата е поголема информираност за прашањето и состојбите на биодиверзитетот, запознавање на граѓаните со реалните последици со кои би се соочиле во секојдневниот живот, како и акциите кои граѓаните можат да ги преземат за намалување и спречување на загубата на биодиверзитетот.

Во средината на март 2010 година, министрите за животна средина на ЕУ разговараа за новите цели за биодиверзитет, при што беше постигната согласност да се запре загубата на биодиверзитетот и уништувањето на екосистемите. Утврдена е долгорочна визија до 2050 година - период во кој треба да се заштити и да се поврати биодиверзитетот, а целите појасно да се интегрираат во различни политики и стратегии на ЕУ. Заклучоците на Советот на ЕУ беа одобрени на 26 март 2010 година.

Повеќе информации за кампањата за биодиверзитет на следната веб-страница: 
www.weareallinthistogether.eu

Click