2010

Среда, 7 април 2010 година

Ново лого за органски производи во Европската унија

Европската комисија го објави новото лого за органски производи во Службениот весник на ЕУ (Регулатива ЕК бр.271/2010 од 24 март 2010 година).

Од 1 јули 2010 година, со преоден период од две години, новото лого ќе биде задолжително за сите органски производи кои се произведени во земјите-членки на ЕУ и ги исполнуваат потребните стандарди. За производи увезени надвор од ЕУ, употребата на органското лого ќе биде незадолжителна.

Органското лого има за цел да се зголеми довербата на потрошувачите и да се зајакне Европскиот органски сектор. Логото на едноставен и непосреден начин упатува на две пораки: природата и Европа.

Употребата на логото на одреден производ ќе значи дека производот има целосна сообразност со европските стандарди за органско земјоделство. Со новата Регулатива за производство, контрола и етикетирање на органска храна, која е во примена од 1 јануари 2009 година, се утврдуваат единствените стандарди за органските производи. 

Заедно со органското лого, како предност во идентификацијата на стоките ќе биде и кодот на сертифицираното тело во стандардизиран формат и ознаката на местото на одгледување на земјоделските култури од кои е составен производот.

Дизајнот на новото органско лого е изработен од Душан Миленковиќ, студент од Германија, кој победил на натпреварот за избор на лого за органска храна. На натпреварот биле оценувани околу 3.500 дизајни изработени од студенти по уметност и дизајн. Дизајнот на органското лого е регистриран од Европската комисија како заедничка трговска марка.
Click