2010



Петок, 16 април 2010 година

Стратегија „Европа 2020“

Новата европска стратегија за одржлив раст и работни места, позната како „Европа 2020“, се појави во екот на најголемата економска криза во последните децении. Стратегијата, иновациите и зелениот раст ги поставува во средиштето на нацрт-планот за конкурентност и предлозите за зајакнување на мониторингот на националните програми за реформи.

Европа 2020 ја заменува Лисабонската агенда од 2000 година, според која Унијата до 2010 година требаше да прерасне во една од најдинамичните светски економии базирани на знаење. Успехот на Европа е можен доколку Унијата дејствува заеднички, преку стратегија која ќе обезбеди поефикасен излез од економската криза, како и обезбедување на одржлива и инклузивна економија која ќе испорача високо ниво на вработеност, продуктивност и социјална кохезија.

Европската комисија официјално ја презентираше новата стратегија на 3 март 2010 година. На Самитот на ЕУ што ќе се одржи во јуни ќе треба да се постигне согласност за посебните програми на земјите членки.

Европа 2020 ја поставува визијата на Европската социјална и пазарна економија за 21 век. Стратегијата во преден план ги поставува трите приоритети за постигнување на:

  • силен раст преку развивање на економија базирана на знаење и иновации,
  • држлив раст преку промовирање на поефикасни ресурси, позелена и поконкурентна економија и
  • вклучителен раст преку економија со висок степен на вработеност и испорачување на социјална и територијална кохезија.

Напредокот на приоритетите ќе се мери преку успешноста и исполнувањето на одредени мерки.

Европската комисија предлага 75% вработеност на европските граѓани на возраст меѓу 20 до 64 години, вложување на 3% од европскиот БДП во истражување и развој, како и да се продолжи интензивно да се работи на исполнување на целите од климатската и енергетската стратегија "20/20/20". Отворањето на нови работни места, како и зголемување на мобилноста на работно способното население и студентите, претставува основна цел на Стратегијата.

За да биде успешна „Европа 2020“, клучно е прифаќањето на стратегијата од страна на земјите-членки на Унијата. Напредокот на земјите одделно ќе го следи Европската комисија преку соодветни инструменти предвидени во стратегијата, но и преку посебен фискален инструмент.

Комисијата предлага во јуни оваа година, Европскиот совет да ги одобри деталните параметри на стратегијата, вклучително и интегрираните насоки и националните цели.

За донесување на „Европа 2020“ се очекува и поддршка од Европскиот парламент.

Поважни настани поврзани со Европа 2020:

  •  24 ноември 2009 Европската комисија ги започна консултациите за стратегијата „ЕУ 2020“,
  • 10 и 11 декември 2009 Самитот на ЕУ ги прегледува приоритетите за ЕУ 2020,
  • 15 јануари 2010 Комисијата добива 1.500 претставки до дадениот краен рок,
  • 3 февруари 2010 индустриските лидери бараат одговорност за планот за ЕУ 2020,
  • 11 февруари 2010 на Самитот на ЕУ е постигната согласност за планот ЕУ 2020 и прифаќање на ограничен број на цели за стратегијата,
  • 3 март 2010 Европската комисија го претстави предлогот на „Европа 2020“,  
  • 25-26 март 2010 на Самитот на ЕУ се дискутира за севкупниот пристап на стратегијата и предложените клучни цели од Комисијата,
  • 17-18 јуни 2010 Самит на ЕУ - планирано усвојување на дополнителни детали од стратегијата, вклучително и специфичните цели на земјите 
  • на есен 2010 земјите-членки треба да поднесат програми за стабилност и конвергенција, како и национални програми за реформи.
Click