2010

Понеделник, 29 март 2010, Брисел

Усвоени целите на стратегијата „Европа 2020“

Лидерите на ЕУ на состанокот во Брисел, одржан на 26 март 2010 година, постигнаа согласност за поголема соработка во економската политика - дел од стратегијата за поттикнување на поголем раст во текот на следната деценија. На состанокот, лидерите ги имаа првите официјални разговори за новата стратегија „Европа 2020“, која беше претставена од Европската комисија на 8 март оваа година.

Постигната е согласност за поголема координација на националната и европската економска политика. Потребна е поголема економска соработка за заздравување од економската криза, како и за справување со предизвиците од климатските промени и глобализацијата.

Прифатени се трите цели: зголемување на стапката на вработување, зголемување на трошоците за истражување и развој и исполнување на обврските на ЕУ за животната средина. Зголемувањето на степенот на образованието, како и социјалната вклученост, дополнителни цели предложени од ЕК, ќе бидат усогласени на самитот во јуни.

Владите на земјите-членки на ЕУ ќе треба да достават детални планови на кој начин ќе ги исполнат нивните цели, додека спроведувањето на националните планови за реформи ќе се следи преку годишни извештаи.

Повеќе информации за стратегијата на:
Europe 2020
Click