Собраниско раководство



Сабота, 12 јуни 2010 година, Лимасол, Кипар

ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, Г. ТРАЈКО ВЕЉАНОСКИ НА ЕВРОПСКАТА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ПРЕТСЕДАТЕЛИ НА ПАРЛАМЕНТИ

Почитуван претседавач,
Дами и господа,
Екселенции,

Дискриминацијата како појава е стара колку што е стара и човековата цивилизација. Таа, најчесто и во најгруба форма, се манифестира преку дискриминација врз основа на расна, етничка или верска припадност, но не треба да се занемаруваат и другите облици на дискриминација, како грубото кршење на човековите права и слободи. По лошото искуство во текот на Втората светска војна и со формирањето на Обединетите нации, а подоцна со формирањето на Советот на Европа, донесени се повеќе меѓународни документи со кои заштитата од која било форма на дискриминација претставува општо прифатен стандард и обврска на секоја држава. Имајќи  предвид дека како парламенти ги ратификуваме овие меѓународни документи, а потоа носиме закони, нашата одговорност е пресудна кога станува збор за заштитата од какви било форми на дискриминација.

Дами и господа, 

Република Македонија е унитарна држава, а во исто време е мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално општество. Затоа би сакал да се осврнам токму на положбата на етничките заедници, односно на градењето општество во кое секој припадник на која било етничка заедница нема да се чувствува дискриминиран само затоа што не е припадник на мнозинскиот македонски народ. Секако, сè започнува со нормативното уредување,  односно со Уставот и законите кои создаваат правна рамка за целосна интеграција на етничките заедници, но и заштита од каква било форма на дискриминација. Така, неодамна го донесовме и Законот за недискриминација, што е дел од корпусот на меѓународните стандарди и препораките на Советот на Европа. 

Во Собранието има две постојани тела чија основна задача се токму овие прашања. 

Првото е Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите права до која граѓаните може  да се обратат доколку имаат чувство дека им се повредуваат човековите права или дека постојат појави на каква било  дискриминација.

Второто собраниско тело е Комитетот за односи меѓу заедниците, чија основна задача е да ги разгледува сите прашања поврзани со етничките заедници и да предлага решенија, а парламентот е должен  неговите предлози да ги разгледува и да одлучува по нив. Токму затоа во овој период на Македонското претседавање со Комитетот на министри на Советот на Европа токму прашањето на заштитата на националните малцинства и нивната целосна  интеграција е еден од нашите приоритети. 

Во секој случај Република Македонија има воспоставено високи стандарди и има постигнато многу добри резултати во однос на спречувањето на дискриминацијата врз расна, етничка или верска припадност паралелно и во сферата на интеграција на етничките и малцинските заедници. Подготвени сме да го споделиме нашето искуство со секого,  но и да научиме нешто ново  и подобро.

Дами и господа,

Нашата одговорност, како парламенти, не завршува со донесувањето на закони, особено кога станува збор за ова чувствително прашање. Исто толку е важна и надзорната функција која, како парламенти, ја имаме, особено ако се има предвид дека дискриминацијата по која било основа знае да биде многу суптилна. Токму затоа, како парламенти, треба да ја јакнеме соработката со невладиниот сектор, Омбудсманот и другите институции, но и да ги користиме искуствата на другите држави.

Треба да се има предвид дека дискриминацијата по која било основа најчесто извира од стереотипите и предрасудите. Верувам сите ќе се согласите дека против предрасудите не може да се борите само со закони, туку со градење на политичка култура која започнува во семејството и образовниот систем. Тоа значи градење на вредносен систем кој ќе се темели на фактот дека сите сме исти оти сите сме луѓе, вредносен систем кој ќе резултира со безусловно меѓусебно почитување. 

Ви благодарам 

Click