2012



Петок, 13 јануари 2012 година

АКЦИОНЕН ПЛАН ЗА ЕЛЕКТРОНСКА ТРГОВИЈА ВО ЕВРОПА ДО 2015 ГОДИНА

Европската комисија на 11 јануари 2012 година го претстави Акциониот план за удвојување на обемот на електронската трговија (е-трговија) во Европа и други онлајн услуги. Развојот на електронската трговија и онлајн услугите нуди огромен потенцијал за корисни економски, социјални и општествени промени. Интернетот и е-трговијата имаат огромен потенцијал за зголемување на растот и создавање на работни места.

Единствениот пазар на Европската унија за електронска трговија се уште не функционира во целост, постојат значителни разлики во правилата, стандардите и практиките кои се применуваат во е-трговијата кај одделни земји-членки на Унијата. Како резултат на ова, компаниите тешко обезбедуваат интернет услуги или остваруваат продажба на стоки преку границите на ЕУ, а граѓаните ја пропуштат можноста да купуваат стоки и услуги преку веб-сајтови со седиште во други земји од Унијата.

Како дел од Дигиталната агенда и Актот за единствен пазар, и како одговор на барањето на Европскиот совет да се поднесе план за исполнување на Единствениот дигитален пазар до 2012 година, Комисијата усвои комуникација во која претстави 16 целни иницијативи насочени кон удвојување на учеството на е-трговијата во малопродажбата (во моментов изнесува 3,4%) и интернет секторот во европскиот БДП (во моментов под 3%) до 2015 година. За да се постигне целта, Комисијата предложи да се преземат мерки кои ќе доведат до значителни подобрувања во повеќе области:

  • подобар пристап до различни видови на онлајн услуги за потрошувачите во ЕУ;
  • полесен начин за купување и плаќање за онлајн производи;
  • поефикасна испорака на производите во Европа;
  • поголема транспарентност на компаниите и цените на интернетот како и подобра заштита на потрошувачите;
  • подобра заштита против злоупотреби на интернет;
  • подобра понуда на брз интернет и подобра комуникациска инфраструктура за повеќе граѓани.

Со Директивата за електронска трговија (2000/31/ЕС) утврдени се правилата за олеснување на пристапот до интернет услугите во ЕУ и се обезбедува дека услугите исполнуваат одредени критериуми. Со овој акт се поставија темелите за прекуграничните онлајн услуги. Во втората половина на 2010 година, Комисијата изврши консултации со заинтересирани страни во однос на функционирањето на Директивата. И покрај бројните технолошки и деловни промени во изминатите десет години од донесувањето на актот, оценката на заинтересираните страни била дека Директивата сеуште претставува цврста и балансирана рамка за развој на е-трговијата.

Комисијата веднаш ќе премине кон следење на мерките од документот и ќе објави Годишен извештај за развојот на електронската трговија во Европа, во кој ќе биде вклучена и проценка за функционирањето на Директивата за електронска трговија. Паралелно, Комисијата ќе продолжи да го надгледува следењето на Дигиталната Агенда, а во следната година ќе презентира среднорочна евалуација.


За повеќе информации на следниот линк:
http://ec.europa.eu/commission_2010-2014/barnier/headlines/news/2012/01/20120111_en.htm

Click