2012

Четврток, 9 февруари 2012 година

ЕУ ЧЕКОР ПОБЛИЗУ ДО НАЈГОЛЕМАТА СВЕТСКА ПРОГРАМА ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ

Во рамките на Данското претседателство со Советот на Европската унија, од 1 до 3 февруари годинава, во Копенхаген се одржа неформална средба на министрите на ЕУ одговорни за единствен пазар, индустрија и истражување. Министрите во рамките на Советот за конкурентност вообичаено се среќаваат шестпати во годината, а два состаноци се неформални.

Во текот на Данското претседателство со ЕУ, ќе се преговара за реформата на Единствениот пазар, односно актот за единствен пазар, што претставува најголема  промена во законодавството од областа во изминатите дваесет години од формирањето на Единствениот пазар. 

Во текот на актуелното претседателство, Унијата ќе расправа за предлогот за нова рамковна програма за истражување и иновации „Хоризонт 2020“, која ќе ја замени Седмата рамковна програма, како и за новата стратешка агенда 2014-2020 на Европскиот институт за иновации и технологија (ЕИТ). Главни елементи на програмата „Хоризонт 2020“ се: индустриското лидерство, извонредност и наука и општествените предизвици.

На третиот ден од неформалниот состанок, европските министри одговорни за единствен пазар, индустрија и истражување, разговараа како најдобро да се искористи потенцијалот на единствениот дигитален пазар. Состанокот беше целосно дигитализиран користејќи интерактивни начини на комуникација со крајна цел единствениот дигитален пазар во ЕУ да биде во корист на европските компании и потрошувачи.

 

 





 

 
Click