2012



Среда, 18 април 2012 година

ЕВРОПСКИ сАМИТ ЗА ОДРЖЛИВА ЕНЕРГИЈА

Европската комисија заедно со Данското претседателство со Советот на Европската унија, на 16 април годинава, во Брисел, организираа Европски самит посветен на „Oдржлива енергија за сите". Настанот на едно место донесе високи претставници од Унијата, Обединетите нации, земјите во развој, индустријата и граѓански организации посветени на постигнувањето на одржлива енергија до 2030 година.

Самитот имаше за цел да се мобилизираат напорите на сите засегнати страни заради промовирање на растот во земјите во развој преку пристап до одржлива енергија. Друго клучно прашање на кое се фокусираа учесниците на Самитот беше промовирање на пристапот на одржлива енергија до жените. Самитот беше значаен и заради подготовките за претстојната Конференција за одржлив развој на ОН (Рио+20) што треба да се одржи во јуни годинава во Бразил.

Европската унија обезбедува голема помош за развојот во светот и игра клучна улога во напорите за справување со енергетската сиромаштија. За да се обезбеди универзален пристап до одржливата енергија има потреба од заедничко дејствување на широката коалиција на учесници од јавниот и приватниот сектор.

Милениумските развојни цели не можат да се постигнат без пристап до енергијата, исто така не може да се промовира и економскот развој. Во светот околу 1,3 милијарди луѓе немаат пристап до електрична енергија, немаат можност за работа, школување или водење на бизнис. Околу 2,7 милијарди луѓе користат дрво, јаглен или животински отпадоци за затоплување на домовите, при што се загрозува здравјето на семејствата кои се изложени на чадот и опасност од задушување.

Од друга страна, индустриските држави се соочуваат со неефикасно користење на енергијата. Генерално во светот, прекумерната зависност на енергија базирана на фосилни горива значително придонесува за глобалното затоплување. Решението за справување со овие предизвици е да се обезбеди подостапна, почиста, поефикасна енергија за сите. Одржливата енергија претставува инвестиција во колективната иднина, обезбедува раст на бизнисите, генерира работни места и овозможува создавање на нови пазари и конкурентни економии.

Ова е причината поради која  Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун ја започна иницијативата позната како „Одржлива енергија за сите", во септември 2011 година.


Повеќе информации на следниве линкови:
http://ec.europa.eu/europeaid/what/energy/sustainable/index_en.htm
http://www.sustainableenergyforall.org/

Click